Македонија
Донација од МВР за три здравствени установи
Министерот Наќе Чулев денеска во име на Министерството за внатрешни работи предаде заштитна опрема и средства за три јавни здравствени установи. Донацијата се состои од заштитни одела, маски и ракавици, а е намената за медицинскиот персонал во ЈЗУ „8 Септември“, Институтот за јавно здравје и ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ (Ургентен центар).
При предавањето на донацијата министерот Чулев потенцираше дека докторите и медицинскиот персонал го даваат својот максимум и секојдневно го ризикуваат своето здравје за да спасат што е можно повеќе животи.
„Тие, заедно со полицијата, се во првите борбени редови во битката која сите заедно мора да ја добиеме. Затоа ја заслужуваат сета наша почит, но и сета наша помош и поддршка што можеме да им ја обезбедиме. Нивното здравје и нивната безбедност се од суштинско значење во моментов. Во наши раце е најсилното оружје за запирање на ширењето на вирусот, а тоа е одржувањето на социјалната дистанца“, нагласи Чулев.
Министерот Чулев апелираше до граѓаните да се воздржуваат од контакти и да внимаваат да не се изложуваат на непотребни ризици, односно да ги почитуваат донесените мерки и да останат во своите домови.
Од денеска стапуваат на сила новите мерки. Забраната за движење стапува на сила од 16:00 до 5:00 часот.
„Да бидеме совесни и сите да го дадеме сопствениот придонес во битката што ја водиме и којашто мора заедно да ја добиеме. Внимавајќи на сопственото здравје, вие внимавате и на здравјето на вашите најмили, вашите соседи и вашите пријатели. Да останеме дома и да им помогнеме и на здравствените работници. Министерството за внатрешни работи, полицијата и јас лично ви стоиме на располагање и во секој момент може да побарате помош“, заклучи Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

