Економија
ЕИБ придонесува со 5,2 милијарди евра во борбата со Ковид-19 во земјите надвор од ЕУ
Групацијата Европска инвестициска банка, банката на Европската Унија, денеска ги соопшти деталите на сеопфатниот одговор на пандемијата на коронавирусот надвор од ЕУ што ќе обезбеди до 5,2 милијарди евра во наредните месеци. Ова финансирање е дел од одговорот на Тим Европа и е поддржано со гаранции од буџетот на ЕУ. Тоа ќе ги зајакне и итните инвестиции во здравството и ќе ја забрза долгорочната поддршка за инвестициите во приватниот сектор што се одраз на потребите за финансирање во повеќе од 100 држави ширум светот.
„Пандемијата на Ковид-19 веќе погоди голем број држави и ќе има длабоки економски последици ширум светот. Многу луѓе ќе ги изгубат своите работни места и средствата за егзистенција. Оваа криза ќе ги уништи претприемачките мрежи и ќе ја влоши состојбата со постоечките ризични кредити, особено во ранливите држави. Ние треба итно да покажеме дека Европа е тука за нашите партнери кога сме им потребни. Како дел од Тим Европа, банката на ЕУ во следните недели ќе ги идентификува и поддржи новите инвестиции во здравството и компаниите надвор од Европската Унија. Ние ќе работиме во партнерство со Европската комисија, државите членки на ЕУ, финансиските институции за европски развој и другите мултилатерални финансиски институции за да осигураме на јавните и приватните партнери да им се овозможи подобар пристап до финансиите што им се од клучно значење за справување со шокот од пандемијата“, изјави Вернер Хојер, претседателот на Европската инвестициска банка.
Инвестициите во јавниот сектор во државите ширум светот се очекува да бидат значително отежнати и ограничени како резултат од коронавирусот.
ЕИБ ќе соработува со партнерите од јавниот сектор за да го зголеми поволното финансирање што е достапно за инвестиции во здравството и компаниите. Ова ќе вклучува поддршка за јавните услуги што вклучуваат здравство, како и за регионалната трговија и високоранливите сектори како што се туризмот и угостителството.
Финансирањето по забрзана постапка ќе биде достапно за државите кадешто ЕИБ веќе работи. Иницијативата е осмислена на таков начин што финансирањето од страна на ЕИБ ќе може да биде дополнително поддржано и од страна на меѓународни и европски партнери за развојно финансирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.