Македонија
(Видео) Стојаноски: Во Општина Ѓорче ќе бидат потрошени 180.000 евра за партиски вработувања
„Наместо сите расположливи средства да се стават на можност за користење за побрзо справување со ситуацијата со Ковид-19, општина Ѓорче Петров во ек на најголемата здравствена и економска криза склучува договор за нови привремени вработувања во износ од 10.999.960 денари или речиси 180.000 евра пари на граѓаните кои наместо да бидат алоцирани да го заштитат нивниот живот од вирусот, ќе легнат во џебовите на партиските војници на СДСМ и на кликата на Александар Наумоски“, изјави Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во договорот што можете да го видите зад мене ќе видите дека овие средства, 10.999.960 денари кои ќе бидат потрошени за привремени партиски вработувања може да бидат искористени за дезинфекција на улиците, училиштата и градинките, јавните површини, местата каде што се даваат административни услуги, а каде што се собираат многу луѓе, може бесплатно да се дезинфицираат влезовите на зградите, може да се направат уште многу нешта коишто би го спречиле ширењето на овој вирус.
Крајно расипнички и недомаќински, а и опасно по животот на граѓаните е да потпишувате договори за привремени вработувања од речиси 11 милиони денари за вработување партиски пајташи на СДСМ кога во буџетот на државата ви недостасуваат над 2 милијарди евра, а во исто време 15.000 угостители да останат без работа, редиците за одјава пред агенцијата за вработување се сè поголеми, а бројката на вкупно загубените работни места да биде речиси 160.000 луѓе. Не смее малите и средните претпријатија да се пред колапс, платите во јавната администрација да се кратат, граѓаните во приватниот сектор да се плашат за основната егзистенција, лекарите, полицајците и сите оние коишто се во првите линии во оваа борба да се борат голораки, а Наумоски да вдомува свои партиски кадри со 10.999.960 денари наши пари.И да биде впечатокот целосен, во исто време се трошат 15 милиони денари за привремени вработувања во општина Гази Баба, речиси 24 милиони денари во општина Бутел, а ЈП Водовод Куманово, градот што е жариште на коронавирусот ќе потроши 7.5 милиони денари на партиски вработувања“, додаде тој.
Според Стојаноски, само во овие четири општини СДСМ за вработување на свои партиски војници ќе потроши речиси 57 милиони денари.
„За таа цел сметаме дека овие набавки се комплетно недомаќински и бараме апсолутно да се укинат и средствата да се пренаменат во можности за справување со коронавирусот. Александар Наумоски, доколку им мисли добро на ѓорчепетровци, треба веднаш да го раскине овој договор и сите 10.999.960 денари до денар да ги пренамени во борбата против коронавирусот! Ова не е солидарност, туку неодговорност!
Овие средства ќе бидат многу покорисни доколку се искористат за поддршка на медицинскиот персонал, како и за помош на вработените во стопанството. Каква е таа солидарност кога на стопанството му велите да се стрпи, во исто време удирате по работниците и кратите плати, а од друга страна вработувате нови партиски кадри? Ова не е време на ситно политиканство, туку на мудри одлуки. Потребна е одговорност спрема својата држава“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

