Македонија
(Видео) Шекеринска: Армијата ќе му помогне на Прилеп, но и прилепчани треба да ги почитуваат мерките
Вицепремиерот Бујар Османи, како главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска беа во Прилеп, со цел директно на терен да ги согледаат состојбите и предизвиците со кои се соочува тамошното население во справувањето со Ковид -19.
„Со оглед на тоа што заразата веќе не е сконцентрирана само на неколку точки, туку се работи за епидемиолошка слика која и просторно и географски се шири, улогата на општинските кризни штабови станува сè поважна, како за заштита на граѓаните, така и за севкупниот успех во справувањето со епидемијата и враќањето на состојбата во некаква нормала”, истакна Османи.
По вчерашниот повик на градоначалникот на Прилеп за поголем ангажман на Армијата на Северна Македонија, Армијата, рече Шекеринска, ќе му помогне на Прилеп, но и прилепчани треба да ги почитуваат мерките.
„Денеска е веќе забележително дека Армијата почна да функционира на еден нов начин. Уште од петокот касарните почнаа да даваат поддршка на општините, кои бараат таква поддршка. Денеска може да се види дека и во Прилеп и во Куманово, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но пред сè влијае на одржување и обезбедување на сите мерки за безбедност од страна на граѓаните во секојдневниот живот”, подвлече Шекеринска.
Министерката рече дека иако мерките го усложниле секојдневното живеење, тие мора да се почитуваат затоа што се за колективно добро.
„Задачата на Армијата и на припадниците денеска во Прилеп не е за да се создаде страв, туку почитта која ја уживаат кај граѓаните да помогне при создавањето ред. Сакам да ѝ честитам на општината, која е можеби прва во државата која ги обележа местата пред маркетите и банките, со што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата”, рече Шекеринска
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ги истакна мерките за поддршка на транспортниот сектор со цел транспортот да нема застој и навреме да се обезбедуваат сите неопходни материјали за работи во фирмите и, секако, продуктите за граѓаните.
Сугарески нагласи дека во делот на градежништвото исто така е продолжена важноста на сите лиценци и овластувања со цел непречено функционирање на градежниот сектор. Во оваа насока Сугарески нагласи дека ова е многу важно, бидејќи капиталните инвестиции се од исклучителна важност за да може градежништвото да се одржи на едно ниво и во вакви услови.
„Морам да спомнам дека проектите за изградба и рехабилитација на патиштата, канализациите и водоводите тече нормално, нема поголеми застои во нивната реализација и очекуваме така да продолжи и во наредниот период. Плаќањата кон фирмите во градежниот сектор се одвиваат навремено, што е многу важно за да можат и државата и фирмите заедно да ја пребродат оваа криза”, додаде Сугарески.
Денешната посета на Прилеп е дел од серијата средби со локалните кризни штабови и е со цел да се направи увид на терен за да им помогне на локалните самоуправи согласно активностите на централната власт, за да им се излезе во пресрет на граѓаните, но и за да се добијат реалните информации од терен за поефикасно спроведување на мерките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.

