Економија
„Амазон“ вработи 175.000 луѓе во време на криза

Компанијата за е-трговија „Амазон“ планира да вработи уште 75.000 луѓе на работни места од магационери до возачи на возила за испорака бидејќи онлајн-нарачките скокнаа поради пандемијата.
Американскиот гигант соопшти дека очекува зголемување на издатоците поради зголемувањето на платите на работниците за повеќе од 500 милиони американски долари за време на пандемијата во однос на претходната процена од 350 милиони долари, пренесува „Ројтерс“.
Најавата за новото вработување доаѓа кога „Амазон“ неодамна ангажира 100.000 магационери и работници за испорака поради наглиот пораст на побарувачката.
„Знаеме дека многу луѓе се економски погодени затоа што ги загубија своите работни места или беа испратени на принуден одмор од компании што работат во области, како што се угостителството и туризмот, како резултат на оваа криза. Сите се добредојдени да му се приклучат на ‘Амазон’ сè додека работите не се вратат во нормала и додека нивните поранешни работодавци не може да ги вратат на работа“, се вели во објавата на веб-страницата на „Амазон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени над 340 милиони денари субвенции за обележани говеда

Денеска се исплатени 341.536.000,00 денари кон 4.144 земјоделци, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатата е извршена по основ на дополнителни директни плаќања за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Се реализираше исплатата на подмерка 2.2 Дополнителни директни плаќања од подмерки 2.1, 2.4 и 2.5 за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои се корисници на подмерката 2.1. од Уредбата за 2024 година и сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко како корисници на подмерката 2.4. од Уредбата за 2024 година или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло како корисници на подмерката 2.5. од Уредбата за 2024 година, се наведува во соопштението на МЗШВ.
Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75 отсто и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.
Економија
„Распад на енергетскиот систем: управата со измислени саботажи за РЕК ја покрива сопствената неспособност!“, велат од СДСМ

„После 10 дена од испаѓањето на РЕК Осломеј од мрежа, и најавите на неспособното раководство на ЕСМ дека истиот во рок од 48 часа ќе биде вратен на мрежа, сведоци сме дека РЕК Осломеј сеуште не произведува струја, а неспособното раководство прави неуспешни обиди од неуспешните обиди“, велат од СДСМ.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.
Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне.
Ги повикуваме и останатите членови на Управниот Одбор на чело со Лазо Узунчев да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат“, соопшти СДСМ.