Македонија
Левицата: Продолжување на вонредната состојба по 30 дена е неуставно
Политичката партија Левица бара итен и безусловен прекин на вонредната состојба веднаш по истекот на уставно предвидените 30 дена. Според партијата, продолжувањето на вонредната состојба е противуставно.
„Остро се противиме на најавите на претседателот на Републиката, г. Пендаровски, дека се планира продолжување на вонредната состојба бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија. Член 125 од Уставот е јасен и го ограничува максималното траење на вонредната состојба на најмногу 30 дена. Оттука, нејасно е од каде Кабинетот на претседателот или Советот за безбедност ги црпат своите ингеренции за арбитрерно удвојување на овој стриктно утврден уставен рок“, велат од партијата.
Според Левицата, продолжувањето на вонредната состојба не само што е противуставно туку е и непотребно.
„Впрочем, таа беше воведена како правен механизам само за одлагање на веќе распишаните парламентарните избори, а не и за справување со последиците од коронавирусот. За борба против епидемијата, на властите им стојат на располагање огромен број ингеренции и координативни мерки предвидени во Законот за заштита на населението од заразни болести (2004) и во Законот за управување со кризите (2005), кои даваат потполна правна уреденост на постојното прашање наместо авторитативно и нетранспарентно носење безброј уредби со законска сила, кои немаат никаква врска со болеста“, се наведува во соопштението.
Според партијата, проблематично е и тоа што овие агресивни и непропорционални здравствено-полициски мерки се носат, како што велат, паушално и необмислено, од страна на преодна влада која има ограничен мандат само за техничко организирање фер и демократски избори.
„Апелираме, носителите на извршната власт, односно претседателот и Владата на Република Македонија, да постапуваат внимателно и одговорно во оваа сериозна ситуација, да не си поигруваат со загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот и стриктно да го почитуваат Уставот на РМ. Доколку, и покрај нашите барања, се одлучи да се донесе противуставна одлука за некакво си бесправно и неосновано продолжување на вонредната состојба – таа од наша страна веднаш ќе биде оспорена пред Уставниот суд на РМ“, најавија од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

