Македонија
Филипче во изолација по средбата со градоначалникот на Куманово

Министерот за здравство, Венко Филипче, од денеска ќе биде во домашна изолација поради контакт со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е позитивен на коронавирусот. Министерот вели дека биле подготвени и за ова сценарио и дека работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а тој и од изолација ќе остане во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести и сите други инволвирани.
„По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој вчера одржа состанок на Кризниот штаб на Куманово, на кој присуствував и јас, е позитивен на Ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација. На состанокот ги почитував сите протоколи за заштита и носев заштитна опрема исто како и другите присутни.
Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје, кои, освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата, кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка процена на ризикот и насоки за понатамошно постапување, останувам во изолација“, рече Филипче.
Тој вели дека властите го имале предвид и ова сценарио.
„Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести и сите други инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе ги правиме преку достапните онлајн-платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.