Економија
СДСМ: Фирмите погодени од кризата се ослободени од плаќање на данок на добивка за март, април и мај

Дражвата спасува работни места, фирмите погодени од кризата ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за март, април и мај, велат од владејачкиот СДСМ преку соопштение.
Од партијата нагласуваат дека продолжува реализација на мерките и политиките на Владата што имаат за цел полесно и побрзо надминување на финансиската криза предизвикана од коронавирусот.
„Владата донесе и Уредба со законска сила за примена на законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба. Со оваа Уредба се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година.
Истовремено, донесена е и Уредба која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.
Ослободувањето од плаќање на аконтациите на данок на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други компании кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со КОВИД–19.
Оваа помош ќе им помигне на компаниите полесно да ја пребродат кризата, а нејзината реализација ќе се одвива по строго дефинирани критериуми кои важат за сите.
Кризата со коронавирусот остава сериозни последици врз економијата на глобално ниво. Затоа преземаме навремени и одговорни решенија за помош и поддршка на домашната економија.
Продолжуваме да работиме одговорно, посветено за заштита на секое работно место, затоа што за нас секој е важен“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата

„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.
Економија
Владата нема да ги толерира триковите на трговците ако ги зголемат цените без основа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека будно се следи состојбата со цените и најави дека Владата ќе реагира доколку се утврдат непринципиелни однесувања кај трговците, посочувајќи дека мерки ќе бидат донесени доколку е потребно.
„Состојбата со цените апсолутно ја следам одблиску, реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира, доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови, ќе делуваме. Инаку, имаме во план да носиме мерки со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на манифестацијата „Од нива до трпеза“ во општина Аеродром.
Тој најави дека Владата ќе го разгледа Извештајот на Државниот пазарен инспекторат кој се однесува на состојбата со цените по завршувањето на владините мерки, по што ќе излезе со официјален став во јавноста.
Во однос на цените на овошјето, премиерот истакна дека покачувањето кај црешите и јаболките е резултат на неповолните временски услови, и најави дека намалениот род ќе влијае на понудата.
„Нивната цена не е 500 денари, туку од 200 до 300 денари по килограм, но и тоа е многу. Тоа е така поради студот, тоа што беше елементарна непогода за црешите, истото го афектираше и ресенското јаболко. Иако оваа година очекувавме и таму голем род, за жал тоа нема да се случи, ќе биде преполовено, ако не и трипати намалено поради неколкуте недели кога имаше ниски температури. Ретка е понудата на трпезата, очекувам истото да се случи и со јаболката кога ќе дојде редот“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, и уверува дека пазарните инспектори ја следат состојбата низ целиот синџир – од производство до продажба.
„Нема драстично зголемување на цените во делот каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен, ќе гледа, и ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економска оправданост од трговците, нормално дека ќе донесеме пак одлуки. И тоа сум го кажал и во други изјави – ќе донесеме поригорозни мерки од тие што сме ги презеле досега“, рече Дурмиши на новинарско прашање во Тетово, каде присуствуваше на настан за промоција на Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Министерството за економија и труд на 20 февруари предложи мерка што Владата ја изгласа, со која беа ограничени маржите за 100 групи производи, а замрзнати цени за осум артикли. Мерката траеше до 30 април, по што започна мониторинг на цените во цел месец мај.