Македонија
Со коронавирус се заразени 194 здравствени работници во Македонија
Во земјава вкупно 194 здравствени работни се заразени со коронавирус, од кои 13 оздравеле, извести Институтот за јавно здравје во најновиот извештај за состојбата.
Досега, потврдени се 1.117 случаи на ковид-19, регистрирани во 21 град во државата, од кои 71,8 проценти се регистрирани од три града: Скопје (388), Куманово (311) и Прилеп (103).

Според податоците на Институтот, највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители е регистрирана во Куманово со 218,0 заболени на 100.000 жители, во Дебар инциденцата на 100.000 жители е 183,8, а во Прилеп е 108,1/100.000 жители.
Од заболените 46,4 проценти се мажи, а 53,6 проценти жени. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,3%), кашлица (54,1%), малаксаност (32,3%), треска (18,5%), главоболка (17,5%), болка во грло (15,7%) и отежнато дишење (14,1%).
Кај 33,8 проценти од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Според изврештајот, кај 308 лица се присутни една или повеќе хронични здравствени состојби, од кои 204 лица имаат кардиоваскуларна болест, 64 лица се со хронична белодробна болест, 60 со дијабет, 15 со хронична бубрежна болест и 51 со други хронични заболувања.
Од хоспитализираните случаи, кај 114 се присутни коморбидитети.
Досега 139 случаи се водат како оздравени. Тие се испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување. Регистрирани се 49 смртни случаи, а од нив најголем дел се на возраст над 60 години.
Од 15 февруари до 16 април тестирани се вкупно 10.859 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.

