Свет
Трамп ѝ се закани на Кина: Погледнете ги нивните бројки, тоа е невозможно, ќе сносите последици
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја предупреди Кина дека може да ги сноси последиците бидејќи е можеби „свесно одговорна“ за ширење на пандемијата на коронавирус.
„Пандемијата можеше да се запре во Кина пред да почне, но тоа не се случи, и сега целиот свет страда поради тоа“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
„Ако тоа беше грешка, во ред. Но, ако тие се свесно одговорни, мислам дека тогаш дефинитивно треба да има последици“, додаде Трамп.
Американскиот претседател не појасни какви чекори ќе преземе САД.
Трамп рече дека Кинезите се „збунети“ и дека прашањето е дали коронавирусот е „грешка која што излегла од контрола или е направена намерно“.
„Постои значителна разлика помеѓу двете сценарија“, рече тој.
За бројот на заразени и мртви во Кина, Трамп смета дека е „нереален“.
„Тие велат дека ние сме број еден по стапката на смртност, но тоа не е точно. Кина е број еден, а не ние. Разликата не е мала, ние не сме ни блиску до нив. Само така знаете. Јас знам, а и тие знаат, но не сакаат да кажат. Зошто? Ќе морате да му објасните на светот. Еден ден ќе објаснам објаснам и јас“, рече тој.
Трамп и други високи официјални претставници на САД ја обвинија Кина за нетранспарентност околу појавата на епидемијата кон крајот на минатата година во Вухан, а оваа недела Трамп ги суспендираше исплатите на САД кон Светската здравствена организација (СЗО), обвинувајќи ја дека не успеала добро да се справи со кризата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците соборија ирански дрон кој се движел кон нивниот носач, тензиите растат
Централната команда на САД (CENTCOM) објави дека борбен авион на американската морнарица соборил ирански дрон кој се приближувал кон носачот на авиони USS Abraham Lincoln во Арапското Море.
CENTCOM изјави дека дронот „агресивно се приближувал“ кон носачот на авиони, со „нејасна намера“ и дека „продолжил да лета кон него и покрај мерките за деескалација преземени од американските сили кои дејствуваат во меѓународни води“.
Дронот бил соборен од борбен авион F-35C од носачот Abraham Lincoln, кој, според CENTCOM, во тој момент пловел на околу 800 километри од јужниот брег на Иран. Во соопштението се додава дека во инцидентот нема повредени американски војници, ниту пак е оштетена опрема.
Американската војска, исто така, соопшти дека соборувањето на дронот се случило само неколку часа пред друг инцидент, во кој иранските сили „малтретирале“ трговски брод со американско знаме и екипаж додека пловел низ Ормутскиот теснец.
Според американската војска, силите на Иранската револуционерна гарда го малтретирале трговскиот брод Стена Императив. Според соопштението, два ирански брода и дрон Мохаџер се приближиле до бродот „со голема брзина“ и се заканиле дека ќе се качат на танкерот и ќе го запленат.
„Иранските бродови три пати го поминале бродот со голема брзина, додека ирански дрон Мохаџер летал над нив. За време на едно од минувањата, Иранците се заканиле дека ќе се качат на танкерот и ќе го запленат преку радио. Танкерот бил во меѓународни води“, изјави капетанот Тим Хокинс, портпарол на CENTCOM.
Инцидентите се случија неколку дена пред најавените разговори меѓу Иран и САД за нуклеарната програма, додека американскиот претседател Доналд Трамп предупредува дека воените бродови се движат кон Иран и дека ќе се случат „лоши работи“ ако не се постигне договор.
фото/епа
Свет
Снегот го парализираше најголемиот аеродром во Германија, летовите откажани
Аеродромот во Франкфурт привремено ги суспендираше летовите повеќе од еден час денес по обилните врнежи од снег.
Операциите беа прекинати околу 15 часот по локално време, а во тој период немаше полетувања или слетувања поради насобран снег на пистите, објави операторот на аеродромот Фрапорт АГ.
Според податоците на Фрапорт, најмалку 67 од вкупно 922 закажани летови за тој ден беа откажани, додека десетина авиони беа пренасочени кон аеродромот во Штутгарт.
Пистите беа повторно отворени околу 16:15 часот, но Фрапорт предупреди дека сè уште може да се очекуваат застои во сообраќајот.
На патниците им беше советувано да ја проверат состојбата на своите летови кај авиокомпаниите.
Свет
Шефот на НАТО презентира три нивоа на гаранции за Украина
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, верува дека фундаменталната цел на безбедносните гаранции, кои би стапиле на сила по прекинот на огнот, е значително да ја зголемат цената што Русија би ја платила за секој иден напад врз Украина. Руте го изјави ова на прес-конференција во Киев, пренесува Украинска правда.
Руте не сакаше детално да ги коментира написите на „Фајненшл тајмс“ за договорените принципи на гаранциите, иако потврди дека го прочитал извештајот. Сепак, тој појасни дека сегашните договори предвидуваат три нивоа на гаранции.
Првото ниво, рече тој, се состои од зајакната украинска армија, која би била финансирана од партнерите.
„Украинската војска очигледно ќе биде првата линија на одбрана доколку Русите или некој друг некогаш повторно ја нападнат Украина. Сите чувствуваме обврска да се осигураме дека украинските вооружени сили се во најдобра можна позиција да се заштитат себеси“, рече генералниот секретар.
Второто ниво, рече Руте, е „Коалицијата на подготвените“, составена од Франција и Обединетото Кралство. Тој не објасни како би функционирала во случај на напад, велејќи само дека целта на коалицијата не е само да се осигури дека украинската војска има сè што ѝ е потребно, туку и да гарантира други чекори.
Третото ниво се Соединетите Американски Држави. „А потоа Соединетите Американски Држави, почнувајќи од минатото лето, рекоа: Сакаме да се вклучиме“, додаде Руте.
Сите три нивоа заедно треба да обезбедат ниво на одвраќање доволно за да се обезбеди гаранција „дека Русија никогаш повеќе нема да се обиде да нападне“.
„Нема да коментирам за сè во медиумите, освен да кажам дека ова е генерално намерата – да се има безбедносна гаранција толку силна што би била многу лоша одлука Русија повторно да нападне“, заклучи тој.
фото/Depositphotos

