Македонија
МВР: Граѓаните да внимаваат, измамници праќаат лажна електронска пошта за наводна истрага

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека деновиве до одредени граѓани и правни лица од страна на сторител кој лажно се претставува во име на МВР, односно во име на државниот секретар Магдалена Несторовска, се упатени лажни покани преку електронска пошта во врска со наводна тековна истрага.
„Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите измами, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР веќе презеде соодветни мерки и активности за законско санкционирање на сторителот“, информираат од ресорното министерство.
Од таму појаснуваат и дека не користат електронска пошта за испраќање на покани до граѓани во врска со спроведување на истраги, туку тие покани се испраќаат во хартиена форма, со соодветна процедура. МВР апелира до граѓаните воопшто да не ги отварат овие електронски пораки.
„Ве известувам дека преку електронската пошта циркулира, фалсификуван допис.Истиот не е ниту испратен, ниту потпишан од мене, како Државен секретар на МВР. Се работи за груб фалсифкат со цел да предизвика вознемиреност кај граѓаните“, информираше и Несторовска на Фејсбук, споделувајќи фотографии од лажните пораки кои биле испратени до граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради пожар, целосно прекинат сообраќајот кон граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи известува дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Блаце.
„Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот“.
Апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираат јавноста.
Македонија
Граничниот премин Долно Блаце е целосно затворен за влез и излез

Граничниот премин Долно Блаце е целосно затворен за влез и излез во и од Република Северна Македонија (за сите видови возила и лица) соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Спасовски: Власта повторно не покажа ниту одговорност, ниту волја за помош за жртвите во Кочани, не гласаа за амандманот на СДСМ

Владата не само што не покажа слух и не го прифати амандманот на СДСМ, истовремено не понуди ниту образложение зошто нема потреба да се прифаќа амандман за помош на семејствата на настраданите во Кочани, потенцираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција откако на амандманската расправа за ребаланс на Буџетот, пратенците од власта не гласаа за амандманот на СДСМ и коалицијата. Амандамот предвидуваше 934 милиони и 340 илјади денари директна помош на семејствата настраданите и на повредените во Кочани, во најголемата трагедија којашто ја зафати Македонија.
Спасовски посочи дека во Буџетот има пари и дека Владата требаше да покаже добра волја и да го прифати амандманот. Тој дури и понуди како пратеничка група ако се прифати овој амандман, тогаш сите останати амандмани коишто ги предложи СДСМ да ги повлечат и да нема расправа, бидејќи како што кажа, СДСМ смета дека нема поважна тема од оваа во моментот во Македонија.
„Достоинствено до крај разговаравме и ги повикувавме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како мнозинство, заедно со пратениците од ЗНАМ и од ВЛЕН да овозможат и заеднички консензуално да го усвоиме амандманот и да покажеме дека знаеме да го цениме приоритетот на граѓаните, да покажеме единство, да покажеме солидарност, нешто што е потребно овие мигови за државата, но напротив претставникот на владата делеше лекции како парламентот не смеел да разговара или да отвора вакви теми“, рече Спасоски.
За амандманот на СДСМ не гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Навистина не ми е јасно како е можно народните претставници овде како пратеници во законодавниот дом, за работа за којашто се најповикани, а тоа е да покажат дека институциите, секогаш и во најтешките моменти, се тука за било кој граѓанин, а посебно за една ваква трагедија, која што ја зафати државата во претходниот период и од тоа сметам дека мораше сите ние да покажеме малку поголемо чувство на одговорност“, нагласи Спасовски.
При тоа, Спасовски упати апел до Владата и до владеачките партии при креирањето на новиот Буџет за 2026 година, да предвидат финансиски средства коишто би биле доволни за финансиска поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во Кочани.
„Нема поважна тема од оваа во моментот во Македонија, нема поважно нешто од 62 млади изгубени животи и од 250 повредени, нема поважно од иднината на еден град, од иднината на истокот на Македонија и ако сакате и од иднината на Македонија“, порача пратеникот Спасовски.