Македонија
Автобусите ќе сообраќаат во две смени

Автобусите на ЈСП Скопје и приватните превозници од утре продолжуваат да сообраќаат во две смени, односно од 5 до 9 часот, па од 13 до 16 часот. Автобусите ќе возат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 часот кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред.
Во прилог се термините на поаѓање (првите и последните, согласно рестрикциите).
Останатиот распоред, во меѓупериодот од први/последни наведени термини, може да се види на веб страницата на ЈСП Скопје.
Пример. Линија 15 (Ново Лисиче-Карпош 4). Согласно саботен возен ред, линијата почнува да сообраќа од 6.40 часот, па се реализираат сите термини до наведениот последен пред 9 часот односно, 7.02 часот, 7.46 часот, 8.08 часот (последен наведен термин во прилогот пред 9 часот), па 12.32 часот (прв наведен термин во прилогот од 13 часот), 13.38, 14 часот и 14.22 часот (последен наведен термин во прилогот пред 16).
Работно време на билетарници и центри за персонализација во работни денови
Билетарници
Од 7.30 до 14 часот ќе работат билетарниците во Аеродром, Ѓорче Петров, Драчево, Маџари, Бутел, билетарницата на Зелен пазар и таа во Автокоманда, кај Дирекцијата на ЈСП Скопје.
Центри за персонализација
Отворени од 7.30 до 14 часот ќе бидат центрите за персонализација во Карпош 2, на Бит пазар и центарот на Транспортен центар.
Услугите на ЈСП Скопје можат да се купат и во над сто маркети и трафики дел од секундарната продажна мрежа (прегледот на локации е достапен на фејсбук страната на ЈСП Скопје) чие работно време зависи од одлуката на сопствениците на субјектите.
Новиот, изменет режим на функционирање на јавниот превоз и работното време на билетарниците и центрите за персонализација, ќе важи во наредниот период, сѐ до новите препораки на надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека ЈСП Скопје не одлучува самостојно за режимот на јавниот превоз, туку, тој е согласно мерките, препораките и насоките на сите надлежни институции задолжени за справување и превенција од ширење на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.
Македонија
Градоначалниците од Западен Балкан ја основаа алијансата Green mayors во Драч

Градоначалниците од 19 општини од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја формираа Алијансата на „зелени“ градоначалници – регионална платформа за забрзување на зелената транзиција преку општинско лидерство и прекугранична соработка.
Потпишувањето се одржа во рамки на Форумот на „зелени“ градоначалници во Драч, организиран од OSF–WB (Фондација Отворено Општество – Западен Балкан). Настанот собра над 100 учесници – градоначалници, претставници на училишта, граѓански организации и експерти за енергетика.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на панел-дискусијата истакна:
„Проектот ‘Сончеви училишта’ и слични иницијативи покажуваат како промените можат да започнат на локално ниво. Општината работи на повеќе зелени решенија, како воведување електричен јавен превоз и изолација на стари згради. Нашата цел е да ги подготвиме граѓаните за праведна и одржлива иднина.“
На конференцијата беше посочено дека Битола е меѓу водечките општини во регионот според бројот и квалитетот на реализирани проекти за енергетска ефикасност и зелени решенија.