Македонија
Клиниката за инфективни болести: Мајката и бебето се добри, ќе бидат пуштени дома кога ќе бидат готови сите тестови

Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби информира дека мајката и четиримесечното бебе, кои веќе 14 дека се лекуваат во болницата, нема денеска да бидат пуштени дома поради очекување на резултатот од брисот земен од мајката. Според нив, она што е најбитно е дека и детето и мајката се во одлична здравствена состојба поради што ги демантираат информациите дека тие биле занемарени.
„Во целата оваа вонредна ситуација и напорот со кој се соочуваат вработените на Инфективната клиника во борбата со коронависурсот, досега за време на лекувањето на сите пациенти што лежеле на Клиниката со Ковид-19 не сме имале реакција или незадоволство од третманот од страна на Клиниката. Жалиме што ваков тип незадоволство го дознаваме од социјални медиуми, а не за време на лекувањето, кое во конкретната ситуација трае 14 дена. Во целост ги демантираме наводите на мајката со 4-месечното бебе, која тврди дека лежат во болница и ниту еден доктор за тоа време не дошол да им ги каже резултатите од тестовите за Ковид-19, се вели во реакцијата.
Од Клиниката појаснуваат дека на мајката во повеќе наврати ѝ е објаснета здравствената состојба на детето, како и потребата за земање два последователни бриса.
„Детето секој ден редовно се прегледува и најмалку трипати влегува дежурна лекарска служба. На мајката ѝ се обезбедуваат сите расположливи услови, од бокал за греење вода, козметика за бебето, снабдување со вода и други продукти, кои Инфективната Клиника ги добива како донација. Детето е интензивно контролирано по препорака од педијатар и покрај добрата клиничка слика“, велат надлежните.
Од Инфективната клиника додаваат дека денеска нема да бидат испишани од болницата, не поради детето, чии брисОви се негативни и комплетирани, туку поради очекување на резултатот на брисот од мајката.
„Она што е најбитно е дека и детето и мајката се во одлична здравствено состојба и доколку биле занемарени во третманот, ова немало да биде случај. Разбираме дека пациентите за време на долгото лекување го губат трепнието, но ние како здравствена установа мораме да се држиме до сите протоколи за болничко лекување и не смееме да испишуваме пациенти пред тие да бидат исполнети. Дополнително, управата на Инфективната клиника, следејки ги сите стандарди за професионално работење, ќе поведе интерна постапка за разрешување на состојбата со потенцирање дека се следат сите протоколи за болничко лекување на пациентите што лежат на Клиниката. Како Клиника максимално се залагаме да се почитува куќниот ред, со цел да се не се создава паника и да имаме поголема ефикасност во работењето“, се истакнува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ја истакна својата решеност да ја промени дводецениската матрица на управување со општината со изговорот „не можеме“, кога станува збор за реализирање на крупни проекти во интерес на граѓаните. Тој порача дека неговата кандидатура не е борба против личности, туку против менталитетот на „не можам“, кој, како што рече, го кочи развојот на Чаир веќе 20 години.
Тој потсети дека повеќе од 20 години, од основањето на општината, Чаир се води без план, без идеја и без храброст, а граѓаните се навикнати на изговори и поразителното „не може“.
„Имало многу ветувања, во секоја изборна кампања. Но секогаш по нив следело: ‘Не може’. Повеќе од 20 години една клика ни инсталираше начин на размислување дека ‘ние не можеме’, дека ‘ова ни е судбина’. Јас влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам тој начин на размислување“, нагласи Османи.
Тој истакна дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку ментална и политичка трансформација, со јасна визија за иднината на Чаир.
„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал менталитетот дека ‘не може’. И кога влегов во преговорите за името, за НАТО, за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но јас секогаш сум влегувал со уверување дека треба да се предизвика, затоа што храброста е таа што ги реализира промените, не само идеите“, рече Османи.
Тој ја поврза оваа порака со најзначајниот проект во неговата програма, реализација на „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем во општината и да ја трансформира во модерен и функционален центар.
„Идеи можеме да имаме многу, но мора да имаме храброст да преземеме одговорност за големите идеи“, порача Османи.
Тој подвлече дека реализацијата на проектот „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница веќе започнала со подготвителната фаза, со планирање на средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и сопствените општински фондови, со цел да се обезбеди стабилно финансирање.
„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.