Економија
(Видео) Петров: Обезбеден нов пакет бескаматни кредити од 8 милиони евра

Владата вчера го објави новиот пакет на бескаматни кредити, КОВИД 2 линија на Развојна банка, со која на сите микро, мали и средни компании ќе им бидат ставени на располагање 8 милиони евра обезбедени преку компензационите фондови од Јапонија. Компаниите може да аплицираат за овој кредит, веќе од 29 април, соопшти Коста Петров, потпретседател на СДСМ.
Минимален износ на кредит е 3.000 евра и за овој кредит може да аплицираат и фирми со под 5 вработени. Максималниот износ на кредит е 90.000 евра.
Како што рече Петров, главниот услов за овој кредит е фирмата да има за 30 проценти намален приход во март 2020 во однос на март 2019 или во однос на просечните месечни приходи за 2019.
„Вашата компанија треба да постои повеќе од половина година, да нема неплатени даноци и придонеси до 31 јануари 2020, да не е во постапка на стечај или ликвидација и да не спаѓа во категорија на исклучително ризични кредитобаратели. Рокот на отплата на овој кредит е до 3 години, со грејс-период од 12 месеци и со обезбедување на меница“, рече тој.
Аплицирањето ќе се одвива електронски по имејл-адреса која ќе биде објавена од Развојна банка од 29 април на полноќ.
Сите уверенија од УЈП, потребни за аплицирањето за кредитот, може да се побараат електронски преку системот за е-даноци. УЈП потоа ќе ве исконтактира кога може да си ги подигнете уверенијата.
„Би сакале да поентираме и дека за документите што ќе ви бидат потребни од Централниот регистар, како вашата тековна состојба, потврда за стечајна постапка и потврда за ликвидна постапка, нема да имате потреба да одите во Централен регистер ниту да користите електронски услуги на институцијата бидејќи тоа ќе го прават за вас вработените од Развојната банка по електронски пат“, рече Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.
Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.
Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.