Свет
(Видео) Пентагон официјално објави снимки од НЛО
Американската армија објави видео од неидентификувани летачки објекти за да ги потврди инцидентите што се случиле во 2004 и 2015 година, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Тоа се видеа снимени од пилотите на морнарицата на САД, кои со години кружат на социјалните мрежи. Едната снимка е направена во ноември 2004 година, а другата во јануари 2015 година, јавува Си-ен-ен.
На снимките се гледа нешто за кое се верува дека е НЛО. Се движи со неверојатно голема брзина и е снимен со инфрацрвена камера. Двете видеа содржат реакции од членовите на американската морнарица, кои исплашено коментираат за тоа колку брзо се движат предметите. Еден од нив вели дека може да биде дрон.
„Министерството за одбрана ги објави видеоснимките за да го разоткрие погрешното сфаќање во јавноста дали видеата што кружат се реални или не и дали има уште такви видеа. Феномените забележани во воздухот продолжуваат да се карактеризираат како неидентификувани летачки објекти“, рече портпаролката на Пентагон, Сју Гоуг.
Таа изјави дека по детаљниот преглед на снимките е утврдено дека објавувањето на тие досега тајни видеозаписи не откриваат никакви чувствителни информации или системи додавајќи дека тоа нема да ги спречува дополнителните истраги за упадот на НЛО во воздушниот простор на американската војска.
Сепак, објавените видеоснимки не придонесоа да се разјасни мистеријата за постоење вонземјани за кое тврдат теоретичарите на заговор. Можно е дека станува збор за шпионски авиони, што американските аналитичари едноставно не успеале да ги препознаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иранскиот министер: Преговорите во Оман со САД беа многу добар почеток
Во главниот град на Оман, Маскат, заврши нов круг преговори меѓу Иран и САД, при што, според иранската државна агенција ИРНА, двете страни покажале подготвеност за продолжување на дијалогот. Агенцијата „Тасним“ објави дека е договорено разговорите да продолжат, но не е наведено кога би се случило тоа.
Преговорите се одвивале со посредство на оманскиот министер за надворешни работи, Саид Бадр Албусаиди. Иранскaта делегација ја предводел шефот на дипломатијата Абас Аракчи, а американската страна била претставувана од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. На разговорите присуствувал и адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на американската армија (CENTCOM).
Министерот Аракчи во изјава за иранските државни медиуми по средбата истакна дека разговорите биле „многу добар почеток“ и дека биле одржани во „многу позитивна атмосфера“. Додаде дека двете делегации се договориле да продолжат со консултации со своите челници.
И покрај тоа што не беа соопштени детали за конкретните теми, оманскиот министер за надворешни работи Албусаиди изрази оптимизам и оцени дека било „корисно да се разјаснат ставовите на двете страни и да се утврдат можности за напредок“. Тој на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) напиша дека резултатите ќе бидат внимателно разгледани од Техеран и Вашингтон.
Very serious talks mediating between Iran and the US in Muscat today.
It was useful to clarify both Iranian and American thinking and identify areas for possible progress. We aim to reconvene in due course, with the results to be considered carefully in Tehran and Washington. pic.twitter.com/OWctzf2CXA— Badr Albusaidi – بدر البوسعيدي (@badralbusaidi) February 6, 2026
Свет
Европската комисија бара промени на „Тик-ток“: „Предизвикува зависност, особено кај децата“
Европската унија би можела да го принуди „Тик-ток“ да направи измени во апликацијата, откако во прелиминарна одлука наведе дека платформата ги прекршила правилата за дигитална безбедност.
Европската комисија смета дека дизајнот што предизвикува зависност му штети на физичкото и менталното здравје на корисниците, особено на децата и ранливите лица, пишува „Гардијан“.
Според одлуката, „Тик-ток“ не ги проценил соодветно ризиците од својот дизајн, кој преку постојано надградување со нова содржина поттикнува непрекинато скролање и го става мозокот во режим на автопилот. Комисијата наведува дека тоа може да доведе до компулсивно однесување и намалена самоконтрола, како и дека платформата игнорирала показатели за прекумерна употреба, вклучително и времето што децата го минуваат на апликацијата ноќе.
Комисијата размислува за наметнување промени во дизајнот, вклучувајќи измени на алгоритмот за препораки, ограничување на бесконечното скролање, воведување ефективни паузи од екран, вклучително и во текот на ноќта, како и прилагодување на системот за препораки.
Безбедносните механизми, како алатките за контрола на времето и родителските контроли, се оценети како недоволни.
Кршењето на Актот за дигитални услуги (ДСА) може да резултира со казна до 6 проценти од годишниот промет на компанијата. Се проценува дека „Тик-ток“ годинава ќе оствари приход од околу 35 милијарди долари.
Свет
САД ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран
Соединетите Американски Држави ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Иран, предупредувајќи на сериозни безбедносни ризици, вклучувајќи тероризам, немири, киднапирања и произволни апсења и притворања на американски граѓани.
Американските власти им советуваат на граѓаните сами да направат план за излез и да не се потпираат на помош од американската влада, бидејќи САД немаат амбасада во Иран.
Според предупредувањето од Стејт департментот на САД, американските граѓани во Иран се соочуваат со висок ризик од нелегално притворање, вклучувајќи долготраен притвор, тортура и, во некои случаи, смртна казна. Швајцарија дејствува како заштитна сила за американските интереси во Иран, чија амбасада во Техеран обезбедува само итни конзуларни услуги.

