Македонија
СДСМ контра Чулев за датумот на видеото на кое се гледа Мицкоски во фитнес-центар

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, посочи дека снимката од фитнес-центарот, на која се гледа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е стара, на што од владејачкиот СДСМ реагираат дека Чулев се става над истрагата, а МВР нема утврдено кога е направена снимката со Мицкоски во фитнес-центарот.
Министерот вчера на социјалните мрежи напиша дека полицајци разговарале со вработени во фитнес-центарот, кои потврдиле дека објектот не работи по донесувањето на мерките на Владата, а на снимката може да се забележи дека нема залепени известувања на вратите, кои укажуваат дека објектот не е во функција.
„Една од вработените посочила и дека снимката е од 20.10.2019 кога последен пат заедно ги видела во фитнес-центарот Х. М. и полициските службеници. Дека се работи за настан од 20.10.2019, изјавиле и полициските службеници, кои појасниле дека тој ден извршувале работни задачи на обезбедување претседател на политичка партија, што било потврдено и по увидот на системот на вработените лица во МВР“, пишува министерот.
Чулев соопшти дека врз основа на преземените мерки, одделот за внатрешна контрола смета дека наводите изнесени на социјалните мрежи во врска со објавениот видеозапис се неосновани, односно нема прекршување на одлуката за ограничување на движењето од страна на конкретните лица.
Спротивно на тоа, владејачкиот СДСМ регира дека Чулев се поставил над законот со цел да го заштити партискиот шеф. Во реакцијата на социјалдемократите се наведува дека Чулев ја затворил истрагата, која уште не е завршена, а датумот кога е направена видеоснимката сè уште не е утврден од страна на полицијата.
„Датумот во случајот се наметнува како клучен за да се утврди дали Мицкоски, во придружба на командантот на единицата ‘Тигар’ и уште еден полициски работник, посетувал фитнес-центар во време кога во сила се забраните поради коронавирусот. Овој факт е важен за јавноста да биде правилно и точно информирана за настанот. Ја потсетуваме јавноста дека претходно, исто во период на забрана за работа на салите за вежбање, на медиумите се појави фотографија како Мицкоски со спортска торба излегува од фитнес-центар, а потоа призна дека бил во посета, но само да ја земе торбата што му останала таму. И овој случај е завршена приказна за Чулев, без да ја извести јавноста што навистина барал Мицкоски таму“, реагира СДСМ.
Снимката на која се гледа Мицкоски во фитнес-центар беше објавена на „Твитер“ пред неколку дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.