Македонија
„Визер“: Патниците да носат маски, а дополнителните услуги да ги плаќаат онлајн
Авиокомпанијата „Визер“ најави дека од 1 мај воведува дополнителни мерки за хигиена за да обезбеди здравје и благосостојба на своите патници и членови на екипажот.
Со цел да се осигури дека здравјето и благосостојбата на патниците и екипажот останат непроменети, „Визер“ воведува нови протоколи – во согласност со владините регулативи – да се почитува физичката дистанца за време на чекирање и да се подобри хигиената на летот. Како дел од мерките за заштита на здравјето на патниците и екипажот на авиокомпанијата, патниците треба да се чекираат и да ги купат сите дополнителни услуги онлајн, како, на пример, плаќањето дополнителни торби, за да ја намалат интеракција на аеродромот.
Употребата на киосците за самостојно оставање багаж – таму каде што е достапно – и брзите ленти за безбедност на аеродромите се високо препорачани од страна на авикомпанијата за понатаму да се обезбеди и физичка дистанца пред чекирање во авионот. За да се спречи можноста за ширење инфекција, од компанијата ги замолуваат сите патниците да се придржуваат на новите правила за физичка дистанца при влегување и излегување од авионот.
„Здравјето и благосостојбата на патниците и екипажот отсекогаш биле од најголема важност за ‘Визер’. Бидејќи на нашите летови пречекуваме сè повеќе и повеќе патници, мерките за заштита што ги имплементираме ќе обезбедат најдобри санитарни услови. Ги охрабруваме нашите патници да го гледаат новото видео за повеќе детали за новите мерки за здравје и заштита. Веруваме дека новиот протокол на ‘Визер’ ќе им помогне на патниците да се чувствуваат посигурно кога патуваат со нас, а ние ќе продолжиме да служиме за потребите на нашите патници, сега со засилени мерки за хигиена“, изјави Џозеф Варади, извршен директор на „Визер“.
Додека ХЕПА-филтрите на сите авиони на „Визер“ филтрираат до 99,7 отсто од вирусите и бактериите од воздухот во кабината, екипажот и патниците ќе треба да носат маски за време на летот. Екипажот ќе им достави на сите патници марамчиња за бришење, а отстранувањето на магазините на летот и охрабрувањето за бесконтактно плаќање при купување за време на летот се мерки што се воведени со цел да се намали физичкиот контакт. На летовите каде што ќе има можност, екипажот ќе обезбеди и оддалеченост помеѓу седиштата на патниците.
„Визер“ најави дека ќе продолжи со својот строг распоред за дневно чистење на целата флота, при што целиот авион ќе биде дезинфициран преку ноќ во согласност со официјалните упатства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

