Економија
140 милиони евра средства од Светската банка и нов проект за брзо дејствување против Ковид-19
Поддршката од Светската банка за справување со последиците предизвикани од Ковид -19, ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се намени за нов проект – проект за брзо дејствување против Ковид-19 во износ од речиси 90 милиони евра, а преостанатите 50 милиони евра за мерката „финансиска поддршка од 14.500 денари за вработен“ за работодавци и самостојни вршители на дејност. Ова беше дискутирано во рамките на виртуелните пролетни средби на ММФ и Светската банка на состанокот на потпретседателот за Европа и Централна Азија на Светската банка, Сирил Милер, со вицепремиерката и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерката за економија, Мила Царовска, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерката за финансии, Нина Ангеловска.
На состанокот учествуваше и наследничката на Милер, Ана Бјерд, која од 1 мај ќе ја преземе функцијата по завршувањето на неговиот мандат.
Во дискусијата детаљно беа презентирани ефектите од глобалната корона-криза врз мкедонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата. Од Светската банка позитивно ги оценуваат мерките што во рамките на своите надлежности ги преземаат Владата и Народната банка за кои се смета дека се навремени и таргетирани.
Акцент беше ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овој пат беше нагласено дека мора и натаму таа да биде приоритет. Во тој контекст одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка, кои се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, која е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Досега преземените мерки се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе биде одржана, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена и со европските регулативи.
Соодветниот одговор на носителите на политиките во однос на предизвиците што ги задава корона-кризата се значаен сигнал за поддршката што Светската банка ја дава за Северна Македонија. Со 50 милиони евра од Светската банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари за вработен за исплата на плати во април и мај. Аплицирањето за оваа мерка почнува од почетокот на мај. Освен финансиски, Светската банка учествуваше и советодавно во мерката, а препораките што се базираа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислења собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија, беа вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата.
Новиот проект за брзо дејствување против последиците од Ковид-19, во износ од 90 милиони евра, се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување зголемување на капцитетите за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање случаи и следење контакт во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од Ковид -19 и паричен надомест за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.
На средбата беа разгледани и проекциите од последниот Регионален економски извештај на Светската банка во согласност со кој се предвидува забавување на економиите на Западен Балкан меѓу -3 и -5,6 отсто. Според Светската банка, Северна Македонија ќе има најмало забавување на економијата помеѓу -1,4 и -3,2 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

