Македонија
ДОМ: Македонскиот јазик е историски факт и сегашна реалност

Условувањето на евроинтеграциските процеси на земјава со именување на македонскиот јазик како официјален јазик и откажување на Македонија од македонското малцинство во Бугарија, го нарушува Договорот за пријателство и добрососедство и понатамошното зацврстување на меѓусебното пријателство. Македонскиот јазик е историски факт и сегашна реалност. Од 1944 година македонскиот јазик е службен јазик во Македонија, а една година подоцна е кодифициран. Тој е меѓународно признат и се изучува на повеќе странски универзитети. Македонскиот јазик е прифатен и од Република Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство, како „македонски јазик согласно Уставот на Р.С. Македонија“. Оттука, барањето наместо терминот македонски јазик да се користи изразот “официјален јазик на Република Северна Македонија”, не е во духот на пријателството и добрососедството и го нарушува Договорот, соопшти ДОМ.
Според партијата, прашањето на граѓаните кои живеат во Република Бугарија и се идентификуваат како Македонци треба да се решава согласно меѓународните конвенции за човекови и малцински права.
Зелената партија ДОМ длабоко верува дека сите прашања од интерес на двете соседни и пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Бугарија, може да се разрешат со заемна доверба и дијалог, со почитување на Договорот за пријателство и добрососедство.
ДОМ не се согласува со изнесеното мислење на Денко Малески дека Македонците и Бугарите биле ист, бугарски народ, а македонскиот револуционер, Гоце Делчев и македонскиот преродбеник, Крсте Петков Мисирков, етнички Бугари. Иако со Република Бугарија споделуваме некои историски настани и личности, македонскиот народ има свој посебен идентитет, а Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и многу други револуционери и дејци кои се бореле за самостојна Македонија, се национални херои на македонскиот народ, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Друштвото на писатели бара што поскора санација на спомен куќата на Владо Малески

Од Друштвото на писателите на Македонија велат дека будно и со длабока загриженост го следат случајот со спомен куќата на Владо Малески во Струга, која претрпе сериозни оштетувања поради небрежност при градежни работи во нејзина непосредна близина.
Куќата на Владо Малески, еден од деветмината основачи на Друштвото на писателите на Македонија, има статус на поединечно заштитено добро, а за неговата добробит се одговорни Заводот и музеј на Охрид, Управата за заштита на културно наследство и Комисијата за управување со Охридскиот регион.
„Со оглед на тоа што една од основните заложби на Друштвото на писателите на Македонија е грижата за книжевното и културното наследство што ја негува колективната културна меморија и го афирмира ликот и делото на неговите основачи, воедно и втемелувачи на современата македонска државност и култура, Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија бара од надлежните институции координирано да овозможат да се преземат сите неопходни мерки за што поскора санација на настанатата штета и враќање на спомен куќата на Владо Малески во Струга во нејзината првобитна состојба“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека советниците, директорите, градоначалниците и функционерите се менуваат, но Друштвото на писателите на Македонија останува тука, и ќе продолжи да го следи текот на развојот на овој нестан, и во никој случај нема да дозволи оваа небрежност и предмет да залута по бирократски лавитинти и ќорсокаци, туку ќе продолжи да инсистира на преземање на сите неопходни мерки сè додека не се дојде до конечна позитивна разрешница.
Македонија
Одобрено обвинението против сопственикот на фирмата за обезбедување на „Пулс“

Кривичниот суд информира дека е одобрено и второто обвинение за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со што предметот преминува во судска постапка. Станува збор за обвинението против реалниот сопственик на фирмата за обезбедување на дискотеката.
„Обвинителниот акт беше поднесен на 4 – ти септември од страна на обвинителниот тим кој постапува по истрагата за пожарот, а се однесува против едно лице – А.Н. кој е осомничен за кривичното дело од чл. 292 ст.2 в.в. со чл. 288 ст.3 в.в. со ст. 2 в.в. со чл. 22 од КЗ, а согласно соопштението на Јавниот обвинител, истиот се јавува како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“, соопшти Судот.
Согласно одобрениот акт, формиран е кривично правен предмет кој согласно АКМИС – системот е веќе распределен кај судија Биљана Смаќовска на понатамошно постапување.
Македонија
Мециновиќ: Oчекуваме влез во втор круг за Град Скопје

Kандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица, на последната прес – конференција од првиот круг за локалните избори вели дека очекува влез во вториот круг.
„Очекуваме дека има реални шанси да влеземе во вториот круг и да се натпреваруваме за престолнината за град Скопје. А јас повторно ќе нагласам дека мојата мотивација за влез во оваа трка беше затоа што токму во овој Совет кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по своите граѓани, а бев член на тој совет пред да станам пратеник и од таа побуда од побудата за подобрување на условите во Скопје, знаејќи како се однесувал досега Советот и градските власти, сметаме дека, навистина, нешто може да тргне во позитивна насока”, рече Мециновиќ.
Тој ги потенцираше клучните заложби за оваа кампања.
„Број еден и најбитен приоритет за нас во идниот мандат би бил јавниот превоз. Клучно прашање е прашањето на зачување на животната средина, а тука е и борбата со загадувањето на воздухот. Како што сум нагласил повеќепати, досега градските власти само ги третирале симптомите, не изворите на загадувањето. Изворите на загадувањето се од различна природа. Тоа е буквално од прашината која не се чисти од нашите улици, од инспекциските служби кои не можат да ја вршат својата работа на вистински начин и крајно – и преку давање на еден вистински модел на јавен превоз кој ќе им дозволи на скопјани да бараат алтернатива покрај личните возила како што се автомобилите“, додаде кандидатот на Левица за Град Скопје.
Мециновиќ кажа дека нема да дозволи приватизација на ниеден капацитет на град Скопје, на ниедна педа на град Скопје.
„Напротив, ние сметаме дека тие капацитети треба да се окрупнуваат и мислам дека цела оваа порака добро резонира со граѓаните на град Скопје, затоа што ние сме сведоци дека во изминатите неколку децении дел по дел, кришка по кришка, градските капацитети се намалуваат и град Скопје е сè повеќе и повеќе зависен од волјата на централната власт”, рече Амар Мециновиќ во однос на јакнењето на капацитетите на јавните претпријатија.