Македонија
(Видео) Филиповска-Грашкоска: Високо ниво на почитување на владините мерки
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, ги презентираше наодите од шест инспекциски служби во надлежност на Советот, коишто во периодот од 27 април до 3 мај реализираа 3.086 надзори, во насока на целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот Ковид-19.
Таа кажа дека инспекторите утврдиле високо ниво на почитување на владините одлуки, мерки и препораки, а дека недоследностите соодветно се санкционираат.
Државниот пазарен инспекторат во претходно наведениот период реализираше 2.042 контроли, во трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти.
„Притоа од страна на пазарните инспектори се затворени вкупно 4 угостителски објекти во Битола, Тетово, Кочани и Кичево и се запечатени 5 кафемати во Битола, Гостивар и Македонска Каменица. При контролите извршени во Скопје, Тетово и Струга изречени се и 46 опомени за непочитување на одредбата за носење маски во трговски објекти и банки“, кажа претседателката на Инспекцискиот совет.
Филиповска-Грашкоска посочи дека инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спроведоа вкупно 154 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари. Притоа се изречени 5 казнени мерки едукации и 12 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба или не водење записи за добра хигиенска пракса.
„Во овој период Државниот инспекторат за труд спроведе вкупно 158 контроли при што донесени се 27 решенија и 47 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Надзорите се однесуваат на постапување на работодавачите по препораката за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни“, нагласи Филиповска-Грашкоска.
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 27 април до 3 мај направи вкупно 118 надзори. При тоа констатира дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно неговиот интензитет е намален за околу 95% и продолжува да се редуцира. Во целосен прекин се меѓуградските линии Скопје кон Охрид Битола, Ресен Прилеп, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Кочани, Берово и обратно, меѓународниот линиски превоз е сè уште во целосен прекин, а товарниот сообраќај се одвива без ограничувања со почитување на владините одлуки и препораки. Во истиот период Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД во периодот изврши вкупно 34 контроли, при кои е констатирано дека нема специфични отстапувања.
„Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведе вкупно 134 надзори во субјекти во нивна надлежност, односно во приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот Ковид-19. Исто така, во овој период издадени се 364 дозволи на транспортери професионални возачи. Овие дозволи се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус“, рече претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.
Македонија
Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.
Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.
„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.
Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.
Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.
Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.
Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.
„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата
СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.
Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.
Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.
Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.
Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.
„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.

