Македонија
Со воведувањето онлајн игри на среќа сочувани се работните места и обезбедени се поголеми приливи во буџетот
Нашата држава повеќе не е последната земја во Европа која нема онлајн игри на среќа.
Со уредбата врз основа на која приредувачите на игри на среќа можат да ја организираат својата работа преку интернет, која е донесена во тешки времиња за граѓаните и економијата, Владата на Република Северна Македонија покажа дека прави сè за да ги спречи или намали последиците од пандемијата. Воведувањето на онлајн игри на среќа е повеќекратно позитивно за државата бидејќи со ова се спречува одливот на пари во други земји, се зголемува наплатата на данокот, се чуваат работните места, се развиваат дополнителни дејности кои ја следат оваа гранка од индустријата, се овозможува подобра контрола, се зголемува безбедноста на граѓаните со бесконтактно учествување во игрите на среќа…
Повеќекратните предности од оваа одлука на државата вистински ќе се почувствуваат во наредниот период. Оваа одлука покажува дека во тешки времиња не треба да се престанува со работа, туку да се бираат патишта на сигурен технолошки напредок за општото добро. Со ова Владата покажа полн капацитет, како и дека мисли на економијата, на сигурноста на граѓаните и на иднината на државата.
На овој начин, една важна гранка од индустријата се прилагодува на новонастанатите услови и продолжува со работа. Со можноста приредувачите на игри на среќа да ја работат својата дејност, се спасуваат околу 8.000 работни места од овој сектор. Ако на тоа додадеме и барем уште 20.000 работни места кои индиректно ги обезбедува оваа индустрија, одлуката на Владата уште повеќе добива на значење. Дополнително, податоци од Министерството за финансии покажуваат дека околу 40 милиони евра се прибираат по основ на посебната давачка од оваа индустрија, а треба да се земе предвид и персоналниот данок на доход од игрите на среќа кој учествува со околу 10 отсто од вкупно прибраниот персонален данок. Со оваа уредба, овој износ дополнително ќе се зголемува.
Како што оценува стручната јавност, пандемијата Ковид-19 претставува силен удар за глобалната економија на која никој не е отпорен, но охрабрува тоа што државните органи имаа навремена реакција и решение како на сите би им олесниле. Со новонастанатата ситуација, на индустријата на игри на среќа ѝ е оневозможено работењето и директно трпи огромни финансиски загуби. Меѓутоа, со новата уредба и можноста за повторно работење, дополнително се сите охрабрени.
Според проценките на економистите, помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно одат во други земји за онлајн обложување и игри на среќа. Со ова законско решение за онлајн игри на среќа овие средства ќе бидат насочени кон домашниот буџет. Со можноста нашата држава, како и сите земји од регионот, да имаат вака организирана игра, загарантирани се дополнителни буџетски приходи и подобри услови за играчите.
Исто така, оваа уредба претставува разумен одговор на забрзаниот развој на технологија и дигитализација кои целосно го променија начинот на живеење, а доведоа и до бројни промени во бизнисот и забавата. Дефинитивно, една од најголемите предности на онлајн обложувањето е неговата комплетна достапност. Повеќе не треба да сте физички присутни на уплатно-исплатните места и да чекате редици за да одиграте тикет, бидејќи сега ова ви е достапно од кое било место и во кое било време. Исто така, постои зголемена понуда на промоции и бонуси, наменети за играчите регистрирани на сајтовите за игри на среќа.
Интернет-приредувањето игри на среќа е уште еден доказ дека Македонија ги следи светските трендови, со оглед на фактот дека голем број држави веќе одамна го имаат предвидено ова во своите законски регулативи.
Сега останува уште администрацијата да го одработи својот дел од работата и оваа уредба да почне што поскоро да се применува, со цел што поефикасно санирање на настанатата штета како последица на пандемијата. Би било голема штета ваков добар потег на Владата да не се материјализира во целост, бидејќи со секој ден одлагање на примена на уредбата, државата и економијата трпат големи загуби.
ВИСОК СТЕПЕН НА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ
Важно е да се истакне дека компаниите кои се занимаваат со приредување игри на среќа во нашата земја беа многу активни кога е во прашање општествено одговорната работа и помош на државата и општеството, особено на оние најзагрозени региони кои се погодени од последиците на Ковид-19. Овие компании помогнаа на здравствени установи, организираа набавка и дистрибуција на пакети за помош на најзагрозените, донираа телевизори на центрите за грижа на деца и за нега на стари лица.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.

