Свет
Поранешниот француски претседател Валери Жискард д’Естен обвинет за сексуален напад
Поранешниот француски претседател Валери Жискард д’Естен (94), кој управуваше со земјата од 1974 до 1981 година, е обвинет дека сексуално злоупотребил новинарка, тврди „Ле Монд“.
Инцидентот, наводно, се случил во 2018 година кога наводната жртва, 37-годишна известувачка на германскиот јавен радиодифузер WDR, Ен-Катрин Штраке, го интервјуирала Жискард д’Естен на 100 роденден на поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит.
По интервјуто, Штраке, која се откажала од своето право на анонимност поднесувајќи ја жалбата за сексуален напад, го замолила поранешниот француски претседател да се фотографира со неа.
За време на снимањето, „ Жискард д’Естен ги ставил рацете околу неа, ја допирал за половината и ѝ ја ставил раката на задникот“, се вели во жалбата.
„Бев многу изненадена и не го прифатив нападот од кој се почувствував крајно непријатно, па се обидов да ја тргнам раката на Жискард д’Естен, но не успеав“, изјави Штраке.
Бидејќи првата фотографија била со слаб квалитет, тие позирале за друга, а тогаш Жискард д’Естен повторно ја допирал околу половината и задникот.
„Се чувствував како да инсистира“, рече таа, тврдејќи дека имало и трет напад кога Жискард д’Естен повторно ѝ го допрел задникот додека ѝ покажувал неколку фотографии.
Освен тоа, по заминувањето, поранешниот француски претседател инсистирал да ја бакне Штрак, шепотејќи ѝ „слатки соништа“ на германски.
Коментирајќи го случајот, Оливие Револ, раководител на канцеларијата на Жискард д’Естен, рече дека поранешниот претседател не се сеќава на средбата со Штраке.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен: Хамас е единствената пречка за прекин на огнот во Газа
Палестинското исламистичко движење Хамас останува „единствената пречка меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот“ со Израел, изјави вчера американскиот државен секретар Антони Блинкен. „Чекаме да видиме дали навистина ќе се согласат на прекин на огнот и дали ќе ги ослободат заложниците“, рече Блинкен на форумот Седона на Институтот Мекејн во Аризона.
„Во моментов, реалноста е дека Хамас е единствената пречка меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот“, додаде тој. Израел и земјите посредници сè уште чекаат одговор од исламистичкото движење на предлогот за 40-дневно примирје поврзано со ослободувањето на заложниците во Газа, во замена за палестинските затвореници кои ги држи Израел.
Делегација на Хамас денеска заминува за Каиро за да ги продолжи разговорите. Истакнувајќи дека милитантите на Хамас „тврдат дека го претставуваат“ палестинскиот народ, Блинкен рече дека „ако тоа е вистина, прекинот на огнот треба да се прифати“.
Американскиот државен секретар, исто така, процени дека израелскиот напад врз Рафах, град во јужниот дел на Појасот Газа, кој е дом на повеќе од милион Палестинци раселени поради војната, ќе предизвика штета „поголема од она што е прифатливо“. Според Блинкен, Израел не претставил никаков план за заштита на цивилите при овој можен напад.
„Во отсуство на таков план, не можеме да поддржиме голема воена операција во Рафах, бидејќи штетата што таа би ја предизвикала би била над она што е прифатливо“, рече тој. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот ја потврди намерата да започне офанзива на Рафах „со или без договор“ за прекин на огнот. „Ќе направиме се што е потребно за да го победиме и поразиме нашиот непријател“, рече тој.
Свет
Хамас тврди дека негова делегацијата оди во Каиро за да разговара за примирје во Газа
Делегација на исламската милитантна група Хамас денеска ќе замине за Каиро за да ги продолжи разговорите за можен договор за прекин на борбите во Газа, соопшти групата доцна синоќа, пренесе ДПА.
– Додека го нагласуваме позитивниот дух со кој раководството на движењето одговори кога го проучуваше предлогот за прекин на огнот што го доби неодамна, одиме во Каиро во истиот дух за да постигнеме договор, се вели во соопштението на Хамас.
Се додава дека Хамас и „палестинските сили на отпорот се решени да го созреат договорот, на начин што ќе ги исполни барањата на нашиот народ за целосен прекин на агресијата, повлекување на окупациските сили, враќање на раселените, олеснување за нашите луѓе, почеток на реконструкција и комплетирање на сериозен договор за размена“.
Според извор од Хамас, има уште некои точки кои треба да се разговараат и имало потреба од повеќе појаснувања. Откако тие ќе се разјаснат, движењето ќе го објави својот конечен став.
– Но, можам да ви кажам и според изјавата што штотуку ја испрати движењето, одговорот ќе биде позитивен, изјавил изворот од Хамас за ДПА.
Месечното посредување на Египет, Катар и САД меѓу Израел и Хамас допрва треба да резултира со пробив. Во последните денови се интензивира и дипломатскиот притисок за постигнување договор.
Свет
Американски разузнавачи со предупредување: Русија и Кина подготвуваат заедничка инвазија
Американското разузнавање има информации кои укажуваат дека Русија и Кина тесно соработуваат за голем број воени прашања, вклучително и потенцијална инвазија на Тајван.
Такво нешто ја поттикна американската администрација да планира како да спречи такво сценарио, пренесува „Блумберг“.
„Ова е првпат Кина и Русија да соработуваат за прашањето на Тајван. Кина дефинитивно сака да соработува со Русија во оваа насока“, рече шефицата на Националната разузнавачка служба Аврил Хејнс за време на нејзиното сведочење пред Конгресот.
Републиканскиот сенатор Мајк Раунд од Јужна Дакота ја праша Хејнс за такво сценарио за време на сослушувањето на Комитетот за вооружени служби во Сенатот. Тој праша и дали Пентагон планира одговор на таквата можност, бидејќи големи се шансите во случај на конфликт со една земја да биде отворен потенцијален конфликт со една или повеќе од нив. Тоа би влијаело на многу работи.
„Секако дека постои можност да се случи такво нешто. Одговорот на тоа прашање зависи од сценариото што би се развило“, рече Хејнс, додавајќи дека разузнавачките проценки укажуваат дека постои зголемена соработка во партнерството „без забрани“ меѓу Русија и Кина во секој општествен сектор – политички, економски, воени, технолошки“, пренесува медиумот.
Нејзините изјави, според написите ги потврдил и генерал-полковник Џефри Круз и нагласил дека ситуацијата внимателно се следи и дека „тие се подготвени доколку се случи несакано сценарио“.
Медиумот анализира дека треба да се знае дека Русија, Кина и Иран во средината на март одржаа заеднички воени вежби наречени „Поморски безбедносен појас – 2024“ во Оманскиот Залив и Арапското Море.