Македонија
(Видео) Одбележан Денот на македонската полиција
Во кругот на МВР и Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, денеска беше одбележан 7 Мај – Денот на македонската полиција.
Одбележувањето почна со оддавање почит на спомен-обележјата на загинатите бранители со положување свежо цвеќе во кругот на Министерството од страна на највисокото раководство на МВР, во придружба на претставници од разни организациски единици, семејствата на бранителите и од Македонскиот полициски синдикат.
Свечената церемонија продолжи во 11.30 часот во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, каде што раководството на МВР, дел од вработените, семејствата на бранителите и поканетите гости од дипломатскиот кор имаа можност да го проследат обраќањето на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, неколку показни вежби од страна на единиците на МВР, како и доделувањето плакети за посебен придонес и заложба во работењето на Министерството за вработени во МВР и плакети за благодарност до претставниците на дипломатскиот кор.
„Денешниот празник го одбележуваме во сосема поинакви околности, кои ни даваат јасен увид за значењето и улогата на полицијата и во кризни состојби, како што впрочем е актуелната пандемија на коронавирусот. Демонстрираната организираност, исполнителност, законска дисциплинираност и пожртвуваност на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, во исполнувањето на сите зададени обврски и задачи во справувањето со пандемијата и примарно – во зачувувањето на човечките животи како бесценета вредност на секое општество, е јасен показател за потенцијалите и кредибилитетот на македонската полиција“, рече министерот Чулев.
Министерот, истакнувајќи ја својата лична увереност, рече дека македонската полиција не само во контекст на актуелните кризни случувања туку и пошироко во сите други домени од своето работење, ќе остане непоколеблив гарант во заштитата на уставно-правниот поредок, на спроведувањето на законите, на личната и имотната сигурност на секој наш човек.




Дополнителната заменик-министерка, Славјанка Петровска, им го честита Денот на полицијата на сите сегашни, но и поранешни припадници на МВР.
„Секој од нив има свој дел од она што денес го живееме, верувам во нивната посветеност, ги поддржувам во нивната професионалност и истрајност. И токму затоа испраќам порака до сите нив дека заедно ќе продолжиме да се бориме против сите современи безбедносни закани, но и против сите секојдневни предизвици. Денес, Република Северна Македонија е членка на НАТО и е безбедно стабилна држава. И тоа е резултат на сите безбедносни реформи, кои беа направени изминатите три години. Довербата во полицијата расте и тоа ќе ни биде поттик и во иднина реформите во полицијата да се темелат на чесност и професионалност штитејќи ги интересите на нашата држава и граѓаните. Им благодарам на сите припадници, поранешни и сегашни, кои храбо и одлучно се грижат за нас. Им оддавам почит на сите што ги положија своите животи за она што денес го живееме. Тие секогаш ќе бидат дел од нас“, рече Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

