Македонија
Дониран апарат за дезинфекција на површини и воздух на Клиниката за пулмологија

Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија како донација доби „УВ-гард“ за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, изум од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров.
Овој апарат дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу. Ги уништува микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција. Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува. УВ-зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини.
Предноста на апаратот е што тој е мобилен и може да се движи од една просторија во друга. УВ-гардот претставува одлична можност за дезинфекција на места каде што нема електрична инсталација, работи на струја и батерии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ивановска: Со зголемување на проактивноста на МОН, расте и поддршката од ЕУ за развој на образованието

Како се зголемува проактивноста на МОН и се остваруваат програмските цели, така пропорционално расте и поддршката од Европската унија за развој на националниот образовен систем и за градење на квалитетен човечки потенцијал. Очекувам нашата добра соработка да продолжи и во иднина, за да изградиме општество од кое младите не заминуваат, туку остануваат, придонесуваат и водат.
Ова го истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на денешната завршна конференција на шестгодишниот проект „ЕУ за млади“ кој има значаен придонес во развојот на стручното образование и обука во државата.
„Проектот даде исклучително значајни резултати и токму тие се основата за нова акција во која повторно младите ќе бидат во нашиот фокус. Значително е подигнат квалитетот на стручното образование и обука и зголемен бројот на ученици во стручните училишта, а зајакната и унапредена е законската регулатива. Формирани се три регионални центри за стручно образование и обука кои се модерно опремени и успешно функционираат, а отпочнт е трансформативниот процес на други четири училишта кои треба да прераснат во регионални центри“, рече Ивановска, додавајќи дека подобрени се и капацитетите на институциите за анализа, планирање и креирање на политики насочени кон младите.
Ивановска посочи дека голем број млади, лично ги почувствуваа придобивките од проектот. Стекнаа знаења и вештини со кои се конкурентни на пазарот на човечки капитал, лесно наоѓаат работа и се интегрираат во општествените процеси.
„Се разбира дека ние ги поддржавме и од повеќе други аспекти, на пример преку прифаќање на десетина нивни барања само во последниот период од една година, кои во најголем дел се однесуваа на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. Ги вклучивме и во креирањето на политики и закони. Ја подобривме инфраструктурата во која тие се образуваат и ќе споделам дека само во моментов имаме активни инвестиции во вредност од над 32 милиони евра“, информираше државниот секретар.
Изрази задоволство што ЕУ ги вреднува националните постигнувања со обезбедување на уште поголема поддршка и очекувања дека соработката ќе продолжи заради забрзана интеграција на Македонија во европското семејство.
Македонија
Се шири лажна наградна игра поврзана со Лидл, компанијата апелира граѓаните да бидат внимателни

Компанијата Лидл информира дека на социјалните мрежи, односно на Фејсбук и Инстаграм, се шири лажна наградна игра во која се наведува дека се доделуваат брендирани мини фрижидери. Во објавата се бара од корисниците да кликнат на линк, да пополнат анкета и да учествуваат во наградна игра.
„Ја известуваме јавноста дека оваа наградна игра не е организирана од Лидл, ниту има каква било поврзаност со нашата компанија.
Апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични податоци на непроверени линкови, со цел да се заштитат од можни злоупотреби.
Сите официјални информации за наградни игри, промоции и активности, компанијата, кога ќе почне со работа со маркети во Северна Македонија, ќе ги објавува исклучиво преку официјална интернет-страница и преку официјалните канали на социјалните мрежи за што јавноста ќе биде навремено известена“, велат од Компанијата Лидл.
Македонија
Стопирана изградбата на објектот во охридската чаршија, инвеститорот немал одобрение

Државниот инспекторат за градежништо и урбанизам направи вонредна контрола на објектот во изгрaдба во Старата охридска чаршија, односно во заштитетната зона на Старото градско јадро во Охрид.
Од Министерството за транспорт соопштија дека констатирано е прекршување на одредбите од Законот за градење, односно инвеститорот вршел градежни активности без Одобрение за градење за конкретниот објект.
„Во рамки на своите законски надлежности Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам донесе решение број ИП 1бр 74-137 од вонреден инспекциски надзор со кое се стопира изградбата и го затвора објектот за понатамошни градежни активности. Против инвеститорот ќе се поднесат соодветни пријави согласно законските прописи“, се наведува.
Од Министерството велат дека заштитата на Старото градско јадро на Охрид е со цел со цел да се спречат дејства, појави и влијанија со коишто може да настане оштетување, неповратно изменување, уништување или деградирање на споменичната целина.
Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1980 година.