Македонија
Ѓорѓиевски: Заев и ЈО да кажат дали е вистина дека Ден Дончев веќе ја напуштил државата
Дали е вистина дека Ден Дончев веќе ја напуштил државата и дали Зоран Заев и Вилма Русковска ќе преземат одговорност за тоа, праша Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека Обвинителството со месеци молчи и не презема никакви активности против Дончев, иако истиот е посочен од страна на Вера Иванова, сопственичка на „Дијамед“ и нејзиниот адвокат, како човек кој заедно со Зоран Милески – Кичеец барале удел во нејзината фирма, па откако не им бил даден уделот барале дел од парите од продажбата на фирмата.
„Ден Дончев континуирано во период од неколку месеци ја минирал продажбата на ‘Дијамед’ на странски инвеститор, токму со таа причина. Ден Дончев е еден од клучните играчи на криминалниот октопод и неговото евентуално завршување во притвор би значело откривање на сите пикантерии. Затоа ЈО молчи и заедно со Заев дозволија да избега, затоа што само така се штити самиот Зоран Заев. Обвинителството иако има докази против Дончев не покрена истрага и овозможува тој да избега“, рече Ѓорѓиевски.
Тој рече дека Јавното обвинителство молчи и сега откако јавно дел од медиумите обелодениле дека Дончев земал и до 2 милиони евра мито од фирми кои вршеле здравствени услуги на територија на Република Македонија за навремено да им се исплатат парите од ФЗОМ, коишто впрочем им следуваат согласно закон.
„Доказите за овој криминал според објавеното во медиумите ги имаат и во ЈО, но реакција до денес нема. Нема затоа што ЈО го штити Зоран Заев, којшто е главата на криминалниот октопод, со чие знаење се вршени сите дејствија. Одговорност за ова мора да има. Заштитени пред лицето на правдата во Република Македонија не смее да има“, порача Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

