Македонија
Јанева тврди дека од никого не примила пари, а со Јовановски разговарале за модата и љубовта
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска во судот даваше исказ, со што заврши доказната постапка за предметот „Рекет“.
Таа нагласи дека никогаш не му понудила привилегии на Орце Камчев за случајот „Империја“ и дека дека најодговорно тврди оти не примила пари.
„Ако судот ги прибавеше доказите за ‘Империја’, ќе видеше дека никогаш не му била понудена никаква привилегија или својство на заштитен сведок. Тој самиот доаѓаше во СЈО и бараше да соработува“, изјави Јанева.
Поранашната обвинителка пред судот кажа дека е невина и дека треба да биде ослободена.
Во врска со односот со обвинетиот Бојан Јовановски, Јанева рече дека двајцата разговарале за гостување во емисиите на 1ТВ, па оттука развиле пријателство. Потоа станало збор и за други теми, но не и за работењето на специјалното јавно обвинителство.
„Разговаравме за модата, а зборувавме и за љубовта. Тој ме прашуваше што ќе носам во емисиите, но знаеше и да ме критикува за гардеробата“, изјави Јанева.
Јанева одговори и за гарнитурата во куќата која ѝ се става во товар, а за време на постапката беше запленета од страна на МВР.
Јанева во таа насока кажа дека гарнитурата ѝ ја предложил Јовановски, меѓутоа таа ја исплатила и за тоа има каса-прими.
„Во една пригода со Бојан разговаравме за мебел и за гарнитури. Тој рече дека имал компензации со некои фирми, па ми ја даде гарнитурата, а јас ја исплатив“, рече Јанева.
Судењето за случајот Рекет продолжува на 19 и 20 мај кога завршни зборови ќе даваат обвинителството и одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

