Македонија
Олеснет пристап на велосипедистите и бесплатни летни тераси за локалите, предлага ВМРО-ДПМНЕ
Олеснет пристап на велосипедистите и бесплатни летни тераси за локалите, предлага ВМРО-ДПМНЕ како дел од предлог-мерките што денеска на прес-конференција ги презентираше Владимир Нелоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат мерките да бидат прифатени од страна на локалните власти, образложувајќи дека ќе помогнат не само за справување со коронавирусот, туку и ќе бидат од корист за заштита на животната средина.
ВМРО-ДПМНЕ предлага на булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека доколку воопшто ја има да биде привремено наменета за пешаци. Понатаму, онаму каде што веќе има велосипедски патеки, а нема услови да се направи една коловозна лента само за нив, да се зголемат тие велосипедски патеки односно нивната ширина да се дуплира се со цел да се овозможи безбедно движење на велосипедистите и оние кои што возат електрични тротинети.
Дел од предлозите е и улиците да се прогласат за зона 20 каде што максималната дозволена брзина на автомобилите ќе изнесува 20 километри на час, и да се дозволи пешаците, велосипедите, електричните тротинети да ги користат и нив за своето движење.
Во однос на угостителите, ВМРО-ДПМНЕ бара да се ослободат од плаќање на паушалот за терасите за летна сезона 2020 година сите угостители во државата.
„Јавниот простор пред локалите да биде даден на користење на угостителите додека трае ситуацијата со коронавирусот, се со цел да имаат можност бројот на маси кои го имале во локалот и на терасите заклучно со 18.03.2020 година да ги постават на јавниот простор околу локалите. Оваа мерка предлагаме да важи доколку не бидат одземени повеќе од 30% на просторот за движење на пешаците околу локалите. Онаму каде што имаме платен паркинг на уличките пред локалите, тие паркинг места да бидат искористени и на неколку паркинг места да се постават т.н. „Парклети“ кои што ќе можат да се користат за поставување на клупи, но и дополнително поставување маси за седење и нема да им се одзема простор на оние кои што се движат пешки“, предлага ВМРО-ДПМНЕ.
Нелоски рече дека голем број на градови во Европа и целиот свет веќе имааат преземено вакви мерки и се очекува во наредниот период да се видат резултатите од зголеменото користење на велосипедите и електричните тротинети насекаде наместо автомобилите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

