Македонија
Сугарески: Нема намалување на средствата за капитални проекти во Министерството за транспорт и врски

„Нема да има намалување на средствата наменети за капитални инвестиции во ресорот транспорт“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната работна посета на општина Битола, каде што заедно со градоначалничката Наташа Петровска изврши увид во градежните работи за реконструкција и изградба на водоводни и канализациски линии во градот.
Проектот за подобрување на комуналната инфраструктура во Битола е со вредност од над 1 милион евра и опфаќа изградба и реконструкција на водоводи и канализации на улиците Илинденска, Партизанска и АСНОМ.
Министерот Сугарески истакна дека работите на терен напредуваат и се очекува проектот да биде завршен до март в година.
„Тоа што го ветивме пред граѓаните одговорно го исполнуваме. Континуирано и посветено работиме на подобрување на условите за живеење во сите населени места и секој ден сме сè поблиску до остварување на нашата цел за унапредување на целокупната инфраструктура во државата. Реализацијата на капиталните проекти се одвива со добар интензитет и се ноаѓаме среде силна градежна сезона. Проектот за подобрување на комуналната мрежа во Битола е од круцијално значење за жителите на градот, па покрај овој проект, до крајот на мај или почетокот на јуни планираме да објавиме тендер за покривање, санација, реконструкција и дислокација на каналот на сливни води крај стадионот до Буковските гробишта, со што веќе во август би почнале градежните работи.
Во однос на патната инфраструктура, сакам да истакнам дека завршува рехабилитацијата на стариот пат Прилеп – Битола, работиме на изградба на заштитната ограда на обиколницата на Битола, а во тек е изработка на проектна документација за изградба на експресен пат Битола – Меџитлија, која треба да биде завршена до крајот на август. Исто така, до почетокот на јуни ќе бидат објавени тендери за рехабилитација на патните правци Битола – Демир Хисар и Битола – Меџитлија, а преку програмата на ЈП „Македонијапат“ ќе се рехабилитираат уште 5 патишта во Битола, Могила и околината“, изјави министерот за транспорт и врски.
Сугарески додаде дека веќе се реализирани речиси 90 отсто од изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Битола, кој се очекува набргу да биде комплетно завршен.
Градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, нагласи дека Општината има обезбедено средства за непречено изведување на градежните активности и реализација на проектите што се од особено значење за развој на економијата.
„Поддршката на градежните активности значи и поддршка на економијата. Со целокупниот проект, вреден над 1 милион евра, кој вклучува изградба и реконструкција на комуналната линија и коловозот, ќе се создадат подобри услови за живеење на граѓаните, а и значително ќе се олесни сообраќајот. Исто така, сакам да истакнам дека ова е само почеток на силни градежни активности, нè очекуваат голем број проекти, кои ќе се реализираат во текот на оваа година, а за сите нив веќе се обезбедени потребните финансиски средства. Кусо кажано, тоа што го ветивме, го исполнуваме“, изјави градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.