Соопштенија
Глас за Македонија: Одржувањето брзи избори во пандемија е злосторство

Партијата Глас за Македонија прашува дали воопшто може и смее да се размислува за брзи избори во услови на целосно непредвидливо однесување на смртоносниот вирус.
„Веќе сега, според бројките на новозаразени, ги гледаме резултатите од неодговорното однесување за време на празниците. Ниту намалениот број на тестови, ниту фаличната епидемиолошка анкета која не содржи цели 6 отпосле додадени симптоми, не можат да ја сокријат реалноста. Болеста се шири, здравјето и животот на граѓаните се во опасност. Кои се тие фер и демократски избори (кои тоа не се ниту во нормална ситуација) каде се оди со непречистен избирачки список, директно од карантин во изборна кампања, без доволен број на набљудувачи, во мали простории, со личен контакт без потребната социјална дистанца на одборите и гласачите?! Дали е нормално да не работат образовните институции, а за избори да се оди со главата во торба по секоја цена?!“, прашува партијата на Солза Грчева преку соопштение.
Според партијата, на власта ѝ одговара најмала излезност, каква што би била во овие услови.
„Ова е ловење во матно. Наместо да слушаме чист фолклор од типот овој или оној ‘бега од избори’, јасно им порачуваме дека граѓаните ќе бегаат од таквите опасни по животот избори. И со право. Глас за Македонија не сака да лицитира со датуми, бидејќи датумот за избори треба да е исклучиво одреден од пошироката епидемиолошка слика. Кој смее да споменува месеци и датуми? Знаат нешто што ние не знаеме за однесувањето на вирусот? На чиј товар ќе падне ширењето на заразата кое неминовно ќе ни го забрза доаѓањето на вториот бран?! Иако сме во правен вакуум, тоа е помало ‘зло’ за кое со консензус може да се најде решение. Истите кои комотно кршеа устав, закони, деловник, делеа селективни амнестии, сега станаа големи почитувачи на правото. Но, за сè има решение освен за изгубените животи“, велат од Глас за Македонија.
Глас за Македонија бара сите лидери на партии кои поднеле листи за парламентарните избори итно да бидат повикани на средбата кај претседателот.
„Зошто се тие исклучени и не можат да го кажат својот став, а сите тие се учесници во овој процес?“, прашуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Оливера Ливриниќ: Радишани добива нови инвестиции, нов парк и подобра инфраструктура

„Населбата Радишани ќе биде во фокусот на серија инфраструктурни и урбани проекти што ќе придонесат за подобри услови за живот, сообраќајна безбедност и уредена јавна средина“. Ова го најави кандидатката за советничка во општина Бутел, Оливера Ливриниќ, нагласувајќи дека приоритет е реализација на конкретни решенија што ќе се спроведуваат во текот на целиот мандат.
Меѓу планираните активности се:
- Целосно покривање и уредување на пазарот во Радишани, со што ќе се обезбеди подобра функционалност и услови за граѓаните и продавачите.
- Изградба на двокатни гаражи кај двата главни влезови во населбата кај трговскиот центар во Радишани, со што ќе се реши проблемот со паркирањето и сообраќајниот хаос.
- Финансиска поддршка за енергетски ефикасни фасади и покриви на колективните згради, за заштеда на енергија и подобар визуелен изглед на населбата.
- Воведување на нови автобуски линии во соработка со Град Скопје: Радишани – Визбегово – Карпош и Бутел – Железара – Аеродром, за подобра јавна поврзаност и намалување на сообраќајниот метеж.
- Создавање нов парк со зеленило, урбана опрема и вештачка карпа за спортско качување, кој ќе биде место за рекреација на сите генерации.
- Поставување улични канти за ситен отпад со цел почиста и поуредна околина.
- Реконструкција и асфалтирање на оштетените улици, поставување атмосферска канализација и сообраќајно решение за просторот околу ООУ „Ацо Шопов“, како и проширување на објектот на училиштето.
- Инсталирање на лежечки полицајци каде што е потребно, за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.
„Безбедноста не е избор – тоа е обврска. Радишани мора да биде место каде што граѓаните живеат мирно, безбедно и достоинствено,“ изјави Ливриниќ, додавајќи дека сите најавени проекти се дел од сеопфатен план за унапредување на животниот стандард во Општина Бутел.
Соопштенија
Трајановски: Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз

Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.
„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.
Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.
Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.
Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.
Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.
„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.
Соопштенија
Герасимовски: Исчистена депонијата под Кале, не дозволуваме центарци да се гушат во смет

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – ПОЦ и вредните хигиеничари денеска спроведоа акција за чистење на депонијата кај полигонот на Кале.
Во изјава за медиумите, Герасимовски потенцираше дека изминатите четири години го сработуваат и она што Град Скопје не го работи.
„Денеска се чисти просторот под Кале, добро познатиот полигон, каде што се сочуваме со огромна депонија. Нема да дозволиме центарци да се гушат во смет. Заедно со нашите тимови на луѓе, заедно со хигиеничарите, заедно со сите вработени сме постојано на терен, дури и во ноќните часови. Изнајмивме дополнителна механизација за цело ѓубре што се прелева на улиците и на одредени депонии биде отстрането од наша страна“, вели Герасимовски.
Тој, истакна дека по завршувањето на чистењето на депонијата во населбата Крњево, викендов хигиеничарите продолжиле со чистење и целосно отстранување на опожарените бараки во кои беше сместен поранешниот Суд за прекршоци, кај салата „Партизан“ во Градскиот парк.
„Нашите служби, заедно со мене, заедно со директорот на ПОЦ Душко Коцевски ќе бидеме постојано на терен за да ја подигнеме хигиената на што повисоко ниво“, потенцираше Герасимовски.
Во чистењето на депонијата кај Кале, вклучена беше целата механизација со хигиеничарите, според соопштеното.