Свет
Унгарија ги критикува нордиските нации за ширење лаги и лажни вести

Во најновиот дипломатски судир унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ги повика нордиските земји да престанат да шират лаги и лажни вести за Унгарија, а нордиските амбасадори беа повикани и на разговори, пренесува „Спутник“.
Причината за унгарскиот гнев е заедничкото писмо што го напишаа нордиските министри за надворешни работи до Европскиот совет, во кое изразуваат загриженост за унгарската демократија и владеењето на правото во земјата поради итното доделување дополнителни овластувања на унгарската влада за време на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Сијарто ја нарече критиката претерана и лажна.
„Лаги за градење диктатура со бесконечна и неограничена моќ и слично“, напиша Сијарто за нордиското писмо на „Фејсбук“.
„Да разјасниме една работа: Унгарија е нација постара од еден милениум и не побара никакво патетично и лицемерно водство. Имајте доверба дека ние, унгарскиот народ, можеме сами да одлучиме што сакаме и што не сакаме“, додаде тој.
Во официјалниот одговор Сијарто ја изрази својата длабока загриженост, но и разочарување поради, како што рече, политички мотивираните напади врз неговата земја. Тој увери во пропорционалноста и потребата од преземените мерки и изрази загриженост во врска со кружењето лажни вести за членовите на европското семејство.
Писмото на нордиските министри до генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, беше напишано по иницијатива на данскиот министер за надворешни работи, Јепе Кофод, и беше испратено на 6 мај.
„Го поздравуваме вашето писмо од 24 март до премиерот Орбан и ја споделуваме загриженоста изразена во тоа писмо. Целосно го поддржуваме вашето потсетување за сите земји членки дека мерките преземени под исклучителни околности на пандемијата мора да бидат во согласност со националните устави и меѓународните правни стандарди и суштината на демократските принципи. Тие мора да бидат пропорционални и ограничени навреме. Дури и во итни случаи владеењето на законот мора да биде прво“, напишаа данскиот министер Јепе Кофод, финскиот Пека Хаависто, исландскиот Гудлаугур Тор Тордарсон, норвешкиот Ине Ериксен Сореид и шведската министерка Ен Линде.
Пејчиновиќ-Буриќ, поранешна министерка за надворешни работи на Хрватска, беше првата што реагира на унгарските закони за вонредни состојби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Поставен најпознатиот оџак во светот: првиот знак дека сè е подготвено за историскиoт момент

Утрово во Ватикан започна симболична и логистички значајна операција – пожарникарите почнаа да го инсталираат веројатно најпознатиот оџак во светот, оној на покривот на Сикстинската капела. Преку него, во наредните денови, ќе му се сигнализира на светот текот на конклавата – со црн чад ако папата не е избран, или со бел чад кога ќе се избере 267-от поглавар на Римокатоличката црква.
Се очекува првиот чад од оџакот да се појави во среда попладне, откако кардиналите ќе започнат затворена изборна постапка, позната како конклава. Во овој изборен процес учествуваат 133 кардинали, а за еден од нив да биде избран за папа, мора да добие двотретинско мнозинство гласови, пренесуваат светските медиуми.
На претходната конклава одржана во 2013 година, кога беше избран папата Франциско, на белиот чад му претходеа пет круга гласање, а изборот беше направен попладнето на вториот ден.
Ритуал и симболика во срцето на Ватикан
Едно гласање е закажано за првиот ден од конклавата, додека четири ќе се одржат во следните денови – две наутро и две попладне. Доколку по три дена не се избере ниту еден кандидат, постапката привремено се прекинува, така што кардиналите ќе имаат ден за молитва, меѓусебни дискусии и духовна обнова. На тој ден, духовната поука ја дава првиот кардинал од редот на ѓаконите.
Покрај традиционалниот сигнал преку чад, изборот на Папата од понтификатот на Јован Павле II исто така, се најавува со ѕвонењето на најголемото ѕвоно на базиликата „Свети Петар“.
Потоа, кардиналот се појавува на балконот на базиликата со зборовите познати на целиот свет: „Ви најавувам голема радост! Имаме папа!“
Додека очите на светот се насочени кон Ватикан, минута по минута се следат сите детали што го најавуваат големиот настан. Поставувањето на оџакот на покривот на Сикстинската капела, извршено од пожарникари под будното око на црковните и техничките екипи, е првиот знак дека сè е подготвено за уште еден историски момент во животот на Римокатоличката црква, според написите.
Свет
„Шпигел“: Трамп се заканува со бојкот на самитот на НАТО поради распределбата на средствата за одбрана

Германското списание „Шпигел“, повикувајќи се на европски дипломатски извори, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да отсуствува од претстојниот самит на НАТО доколку другите членки на алијансата не преземат конкретни чекори во врска со распределбата на средствата за одбрана.
Германија, која е особено ранлива на притисок, се соочува со барања за значително зголемување на трошоците за одбрана, според „Ројтерс“.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатата недела разговарал за ова прашање со германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, според извештајот, пренесува „Танјуг“.
Свет
Кина ја разгледува понудата на САД за разговори за царините: „Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите“

Пекинг ја разгледува понудата на Вашингтон за разговори за царините од 145 проценти, што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти кинеското Министерство за трговија предупредувајќи ги САД дека мора да покажат оти нивните намери се искрени.
Министерството за трговија во Пекинг објави дека САД се обратиле до Кина за да побараат разговори за царините на Трамп и дека вратата на Пекинг е отворена за дискусии, објави „Ројтерс“.
„САД неодамна презедоа иницијатива во неколку наврати да достават информации до Кина преку релевантните страни велејќи дека се надеваат на разговори со Кина. Обидот да се искористат разговорите како изговор за принуда и изнуда би пропаднал“, се истакнува во соопштението.
Кинеското министерство додаде дека САД треба да ги исправат погрешните постапки и да го откажат воведувањето еднострани царини, како и дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
Кина состави список на американски производи што би ги исклучила од одмаздничките царини од 125 проценти, вклучувајќи одредени фармацевтски производи, микрочипови и млазни мотори.
Во исто време, американските претставници, вклучувајќи ги и секретарот за финансии, Скот Бесант, и економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет, исто така изјавија дека се надеваат на напредок во ублажувањето на трговските тензии.
„Уверен сум дека Кинезите ќе сакаат да постигнат договор. И, како што реков, ова ќе биде процес во повеќе чекори. Првин мора да ја деескалираме ситуацијата, а потоа ќе почнеме да се фокусираме на поголем трговски договор“, рече Бесент во интервју за „Фокс бизнис-нетворк“.
Во средата Трамп изјави дека верува оти постои многу добра шанса неговата администрација да постигне договор со Кина, неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за да се приспособат на промените во меѓународната средина, без да ги спомене САД.