Регион
Марко Ѓуриќ: Помошта од Русија беше од големо морално значење за Србија
Помошта дадена од руските воени специјалисти имаше големо морално значење за српскиот народ, изјави Марко Ѓуриќ, директорот на Владината канцеларија за Косово и Метохија и заменик на претседателот Александар Вучиќ во владејачката Српска напредна партија, во интервју за ТАСС.
„Во време на предизвици државите и народите треба да си демонстрираат едни на други со конкретни акти на солидарност дека не се сами во неволја. Ова е особено точно за земји со традиционално пријателски и братски односи. Сигурен сум дека присуството на руски воени специјалисти, покрај тоа што придонесе за воена соработка меѓу нашите земји, пред сè, и најважно, имаше морално влијание врз подготвеноста на српскиот народ да ги издржи тешките недели и месеци од борбата против невидливиот и непознат непријател. Помошта што ја даваат руските браќа, без сомнение, ќе биде запаметена и ценета во Србија долго време оти пријател во неволја е навистина пријател“, рече тој.
Српскиот политичар истакна дека солидарноста меѓу земјите и народите е од огромно значење во услови на пандемија.
„Помошта што ја дава секој на оние на кои им е потребна е од клучно значење, дури и ако оваа помош е симболична. Верувам дека ова треба да стане принцип на меѓународните односи во периодот по коронавирусот“, рече тој.
Србија претходно побара помош од Русија во борбата против епидемијата. На 4 април авионите на руските воздухопловни сили донесоа во Србија руски воени лекари, вклучително и виролози, специјалисти за радијациска, хемиска и биолошка заштита, специјална медицинска опрема, опрема за заштита и шеснаесет воени возила.
Руските специјалисти обезбедија помош во главниот град и во голем број други региони. Тие дезинфицирале стотици илјади метри во клучните здравствени центри и им укажале лекарска помош на пациентите во цела Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

