Регион
Епидемиолошката слика во Словенија се подобрува, се отвора и туризмот
Епидемиолошката ситуација поврзана со коронавирусот во Словенија се подобрува, така што беше објавено дека набргу сите продавници ќе бидат отворени како дел од зголемената релаксација на рестриктивните мерки за заштита, а во тек се подготовки за почнување на туризмот.
Речиси два месеца по воведувањето на ограничувањата, сите продавници треба да почнат со работа в понеделник.
„Точно, ние не ја запревме целосно епидемијата, но ние сме на вистинскиот пат. По речиси два месеца, ќе се укине значителниот обем на претходни ограничувања на трговијата и туризмот“, рече државниот секретар на словенечкото Министерство за економија, Симон Зајц, на прес-конференција во Љубљана.
Тој истакна дека од понеделник сите продавници може повторно да бидат отворени, вклучително и големите трговски центри. Исто така, на баровите и гостилниците им е дозволено да работат повторно не само на отворените туку и во затворени простори, се отвораат кујните, а се создаваат предуслови за отворање на туристичките објекти.
За сите овие дејности, правилото е да се обезбеди бесконтактен однос со потрошувачите и гостите или минимален контакт при давањето услуги.
Од понеделник можно е повторно да се отворат сместувачките капацитети за туристи, и тоа оние со капацитет за сместување максимум 30 гости, а фитнес-центрите, базените и дискотеките остануваат затворени.
Во врска со прекуграничниот туризам, државниот секретар Симон Зајц изјави на онлајн-семинар со туристички работници дека останува главниот напор на владата да ги отвори своите граници кон оние земји од кои доаѓаат повеќето гости во Словенија.
Откако Европската комисија донесе насоки за отворање на туризмот, Словенија ќе почне дијалог со соседните земји, како Австрија, па дури и со Германија, за чии патници Словенија е достапна по копно и се надеваме дека ќе биде доволно подобрена епидемиолошката слика и во Италија, рече Зајц во обраќањето пред туристичките работници.
Словенија и Хрватска веќе водат интензивен дијалог за условите за отворање на меѓусебната граница за туристички премин. Седумдневната мерка на карантин при враќањето во земјата сè уште е во сила во Словенија, а Хрватска ги укина ваквите мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија усвои закон за родова рамноправност по бурна расправа
Албанскиот парламент доцна синоќа го усвои Законот за родова рамноправност, по повеќечасовна и остра дебата. Законот беше изгласан со 77 гласа „за“, 36 „против“ и без воздржани.
Новите измени утврдуваат дека терминот род се однесува на општествено создадени улоги, однесувања и атрибути што се сметаат соодветни за жени и мажи.
Опозициската Демократска партија остро се спротивстави, обвинувајќи дека законот има за цел „уништвање на семејството“. Премиерот Еди Рама го оцени како „благороден и целосно усогласен со принципите на Европската унија за рамноправност и недискриминација“.
Бившиот премиер Сали Бериша побара од амбасадорот на ЕУ во Албанија да објасни која европска директива бара ваков закон.
Властите нагласија дека целта е да се обезбеди еднаков третман и можности за сите граѓани, без оглед на полот, во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во Тирана беа одржани и протести на граѓански организации кои го нарекоа законот „антинационален и антисемеен“, предупредувајќи дека може да се злоупотреби и дека не е применлив во пракса.
На истата седница, парламентот ја одби иницијативата за формирање комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, поднесена од опозицијата, која го обвинува за сериозни повреди на Уставот.
Регион
Ја уби својата партнерка, па нејзиното тело го скри во замрзнувач: српската полиција го фати 43-годишниот убиец
Полицијата во Лесковац го уапси Д. Д. (43) од Печењевац, осомничен за тешко убиство на својата 36-годишна партнерка. Тој е осомничен дека ја убил на 2 ноември во семејната куќа по што избегал. Одреден му е притвор до 48 часа и ќе биде приведен во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава, пишува српски „Телеграф“.
Злосторството што ја потресе Србија беше откриено кога полицијата го пронајде телото на Катарина Глигориевиќ скриено во замрзнувач. Нејзиниот вонбрачен партнер Далибор Демировиќ веднаш беше осомничен за убиството.
Во времето на бегство Демировиќ наводно бил во домашен притвор со електронски мониторинг за друго кривично дело.
Тој бил ставен во домашен притвор за напад врз службено лице, полицаец, врз кого наводно фрлил ограда од тераса. Сепак, локалните жители се сомневаат во оваа верзија.
фото: принтскрин
Регион
Прогласена четиридневна жалост по трагедијата во Тузла
Тузла е обвиена во тага по вчерашниот пожар во дом за стари лица, во кој животот го загубија 11 мина. Поради оваа голема трагедија, една од најголемите во поновата историја на градот, градоначалникот Зијад Лугавиќ прогласи четиридневна жалост, што почнува денес, пишува „Кликс.ба“.
Голем број луѓе добиле со полесни и тешки повреди во пожарот. Според последните информации, 15 пациенти сè уште се во болница. Состојбата на четворица од повредените е исклучително сериозна и тие се поврзани на респиратори.
Со одлука на градоначалникот, денови на жалост во Тузла ќе бидат денес, утре, сабота и недела. Во овој период јавноста треба да се придржува до пропишаните правила. Четврток е прогласен за ден на жалост на ниво на Федерацијата на Босна и Херцеговина и округот Брчко.
фото: принтскрин

