Свет
Данска подготвена да ги пречека германските и норвешките туристи, но не и Швеѓаните

Неколку дански партии сакаат нивните германски и норвешки соседи да може да влезат во земјата ова лето, но за разлика од нив, Швеѓаните треба да останат на нивната страна од теснината Оресунд, сметаат тие, пренесува Данското радио.
Причината е што Норвешка и Германија имаат сличен ризик од зараза со Ковид-19 како Данска, а ситуацијата во Шведска е поинаква поради немањето стратегија за излоација и недостигот од масовно тестирање.
Претседатеот на конзервативците, Сорен Папе Поулсен, меѓу другите, предложи траектот меѓу Осло и Копенхаген да продолжи со работа.
„Ќе се отвориме за земјите што имаат контрола врз заразата и каде што раширеноста на инфекцијата е мала, како Норвешка и Германија. Малите гратчиња на данското западно крајбрежје се многу зависни од туристичката сезона“, изјави Поулсен за Данското радио.
И другите партии се согласуваат со предлогот.
„Не мора да чекаме да ја отвориме границата со Шведска за да може граѓаните од Германија да нè посетуваат. Ако не е оправдано отворањето на границата со Шведска од здравствени причини, Швеѓаните може да останат таму каде што се, а Германците може да дојдат овде“, рече Јакоб Елеман-Јенсен, претседател на либерално-конзервативната опозициска партија Венстре.
Дури и националноконзервативната Данска народна партија се согласи со предлогот.
„Ако се отворите различно кон разни земји, можете и побрзо да се отворите“, рече претседателот на партијата, Кристан Тулесен Дал.
Лидерката на Новата десница, Перниле Вермунд, поддржува разликување на туристите врз основа на националноста.
„Не можеме да ги отвориме границите целосно, дури ни за Германците и Норвежаните. Треба да најдеме начин да се осигуриме дека оние што доаѓаат може да го сторат тоа безбедно“, истакна таа.
Само малку од данските партии – Либералната алијанса и Алтернативата, се подготвени да ги пречекаат Швеѓаните.
„Сигурен сум дека Швеѓаните и Германците се еднакво добри во соодветното однесување“, вели Алекс Ванопслаг од Либералната алијанса.
Одлуката за тоа како и кога да се отворат границите ќе биде готова до 1 јуни.
Со 10.713 потврдени случаи и 537 смртни случаи, Данска е на пат повторно да се отвори по еднмесечната изолација. Спротивно на тоа, Шведска се воздржа од изолација и, наместо тоа, се потпира најмногу на доброволните индивидуални ограничувања. Досега има забележано речиси 28.500 потврдени случаи и повеќе од 3.500 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Прекинати летовите на главниот аеродром во Бангладеш, избувна пожар

Властите во Дака ги прекинаа сите летови на Меѓународниот аеродром Хазрат Шахџалал, главниот аеродром во Бангладеш, по пожар во товарниот дел. Талха Бин Засим, портпарол на Противпожарната служба и Одделот за цивилна одбрана, изјави дека 32 противпожарни возила биле распоредени за гаснење на пожарот, кој започнал денеска попладне.
Управата за цивилно воздухопловство на Бангладеш ги прекина сите летови веднаш по инцидентот, наведувајќи дека операциите ќе останат запрени до понатамошно известување.
Покрај националната противпожарна служба, единици од Воздухопловните сили и Морнарицата на Бангладеш се придружија на напорите за гаснење на пожарот, според Одделот за односи со јавноста меѓу службите.
Причината за пожарот сè уште не е позната.
Снимките од местото на настанот покажаа црн чад како се извишува над аеродромот.
Како одговор, државната авиокомпанија „Биман Бангладеш ерлајнс“ пренасочи четири од своите летови, кои требаше да слетаат во Дака, кон аеродромите во Силхет и Чатограм.
Свет
Од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи

Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, на социјалните мрежи објави дека „од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период минатата година“.
“Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација”, напиша Гонџја.
Додава дека од албанските алпи до долгата крајбрежна линија, земјата нуди комплетен туристички пакет за секој тип туристи, а секоја година се шири и мапата на земјите од кои доаѓаат.
“Туристите ја избираат Албанија не само поради нејзините прекрасни плажи и поволната клима, туку и поради нејзините планински предели со импресивни природни пејзажи, антички градови со историска и културна вредност, како и нејзиното гостопримство и традиционална кујна”, оценува тој.
Според него туризмот станал активност што трае цела година и не само што генерира значителни приходи за економијата, туку ја промовира Албанија како дестинација што е посетувана во текот на цела година.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи, што, посочува Гонџа, ќе бидат остварени.
Свет
Во експлозија на фабрика во Русија загинаа три жени

Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија, изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.
-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, објави Хабиров на социјалните мрежи.
Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.
Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.