Економија
(Видео) Славески: Ребалансот е задоцнет
„Конечно Владата предложи ребаланс на буџетотза 2020 година, како што разбравме од пресот кој што пред малку се одржа од страна на министерката за финансии, Нина Ангеловска.Најпрво да кажеме дека овој ребаланс на буџетот доаѓа со задоцнување од најмалку месец и половина. На јавноста и е познато дека ВМРО-ДПМНЕ преку дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Кочоска Димитриеска уште во март веднаш откако се увидоа првичните негативни ефекти од здравствената и економска криза предизвикани од корона вирусот предложи или укажа на потребата од прекројување на државната каса“, изјави Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, сегашниот предлог доаѓа со големо задоцнување. Во меѓувреме Владата продолжи со трошењето на буџетски средства како ништо да не се случува, претежно за тековни расходи од кои добар дел беа насочени за предизборен поткуп на гласачите.
„Значи продолжение на практиката од периодот од јануари – март 2020 година кое како што е познато се реализира буџетски дефицит во износ од 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра што претставуваше 42,6 проценти од вкупниот планиран дефицит за 2020 година.Беа потрошени пари без ниту еден денар да се насочи кон поддршка на претпријатијата засегнати од кризата од кои голем дел престанаа со работа со воведувањето на вонредната состојба во земјава. Оттаму не треба да зачудува фрапантната цифра што ја изнесе министерот за финансии Ангеловска од планираните 750 милиони евра буџетски дефицит со овој ребаланс што претставува историски највисоко ниво на планиран буџетски дефицит во историјата на Република Македонија и со ова како што исто така беше потврдено на новинарско прашање од страна на министерката јавниот долг на Република Македонија се доближува или ќе се доближи ако се ова се реализира до критичното ниво од 60 проценти од БДП“, додаде тој.
Според него, она што по малку зачудува е што расходите на кои што своевремено кон крајот на минатата година кога беше предложен и донесен буџетот за 2020 година јавноста реагираше дека беа планирани некаде околу или нешто испод 4 милијарди евра историски највисоко ниво, сега како што слушнавме дополнително овој износ се зголемува и прашање е дали е тоа зголемување оправдано.
„Факт е дека имаме зголемени трошоци за борба против пандемијата од коронавирусот, здравствени пред се за поддршка на здравствениот сектор, имам секако зголемени расходи за мерките кои што се преземаат за поддршка на претпријатијата но прашање е на оценка дали е тоа вистинскиот обем.
Кај расходите повторно ќе се оградам во недостиг на подетални информации, она што може да се забележи е речиси останувањето на истиот износ планиран за плати и други надоместоци во текот на 2020 година, што значи дека владата нема намера да прекине договори кои што истекле на лица вработени во предизборието, партиски активисти за кои што се наменети значителни средства. Понатаму зошто толку мало намалување на средствата за плати и други надоместоци кога знаеме дека со владина уредба некои од надоместоците коишто се покрај платата на државни функционери на државни службеници, вработени во јавната администрација, меѓу коишто се и надоместоци за патни трошоци, дневни трошоци и тн. се сведени речиси на минимум во изминатиов период.Но, она што најмногу зачудува е тоа што ставката стоки и услуги којашто редовно нели кога имаме можност за посериозна анализа на оваа ставка, значи ставката за стоки и услуги во овој период се намалува за само 1.5 % од она што беше предвидено. Секому е јасно и ќе си го постави тоа прашање зошто не се бараат заштеди токму во оваа ставка каде што влегуваат непродуктивни расходи, трошоци, а делумно имаме одговор затоа што сме реагирале на јавни набавки коишто се во тек и се за непродуктивни расходи, за потрошувачка на владата и министерствата. Зошто тука не се оди на заштеди, коишто би го намалиле буџетскиот дефицит како што е проектиран близу 7% од БДП, а со тоа и зголемувањето на задолжувањето за финасирањето на тој буџетски дефицит.
Понатаму голем број на државни институции на пример во образованието тргнувајќи од предшколското згрижување на деца, градинките, средните училишта, универзитетите таму затоа што активностите се прекинати и ќе останат во догледно време прекинати, а не гледаме дека ќе има некои од вообичаените расходи за стоки и услуги, ова се однесува на другите органи државни институции“, вели Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.

