Свет
Температури над 40 степени во Сибир, наезда на крлежи и голем број шумски пожари

Вистински топлотен удар го погоди Сибир, а според жителите во овој руски регион воопшто не се почувствувала пролетта, туку летото пристигнало веднаш по зимата.
Во текот на мај се соборени апсолутни рекорди на температурата, а жителите беа принудени да останат дома за да избегнат ширење на коронавирусот. Фактот дека дури 41 степен се забележани на патеките на Алтајските Планини зборува многу за тоа колку е топло.
Во западните делови на Сибир се измерени температури што се движат од 25 до 35 Целзиусови степени, што е многу повисоко од просекот во овој период од годината. Сепак, и покрај пандемијата на коронавирусот, некои одлучиле да одат на река или езеро за да побараат спас и малку да се оладат од тропските температури.
Високите температури создадоа целосен хаос во природата. Наездата на крлежи е дури 200 пати поголема од нормалната, а повеќе од 1.000 лица се пожалија на каснувања од инсекти кои пренесуваат енцефалитис и Лајмска болест.
Исто така, рекорден број шумски пожари се регистрирани во Сибир, а повеќе од 100 куќи и два милиона хектари беа уништени од огнената стихија до крајот на април.
Земјоделците стравуваат дека таквата висока температура драстично ќе влијае на приносите. Јаболката и црешите обично цветаат на крајот на мај, но веќе процветале на крајот на април.
„Како да нема пролет и веднаш се префрливме од зимата со неколку метри снег во летото. Се чини како некој да го вклучи прекинувачот за топол воздух на крајот на април и почна летото. Не се сеќавам да сме имале ваква пролет“, изјави новинарот Сергеј Зубчук за „Сибирски тајмс“, пренесува „Дејли мејл“.
Според метеоролозите, високи температури (околу 30 степени) се очекуваат во наредните денови во западен Сибир и Арктичкиот Круг, многу повисоки од вообичаеното. Експертите посочуваат дека температурата на територијата е шест степени повисока во првите четири месеци од 2020 година од просечната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Тајлер Робинсон – од стипендист со блескава иднина до осомничен за убиството на Чарли Кирк

Тајлер Робинсон (22) од Јута, кој некогаш важел за одличен ученик и добитник на претседателска стипендија на Универзитетот „Јута стејт“, денес е главен осомничен за убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк.
По успешното завршување на средно образование во 2021 година, Робинсон добил четиригодишна стипендија и бил сметан за примерен студент. Но, по само еден семестар ја напуштил академијата и подоцна се запишал на „Дикси Техникал Колеџ“ како електричар-приправник.
Истрагата за убиството открила пушка со чаури на кои биле гравирани пораки – од антифашистички слогани и стихови од „Бела чао“ до интернет мемиња. Семејството признало дека во последно време станал политички поактивен и отворено критичен кон Кирк.
Пријателите и соседите сепак го опишуваат како тивок, повлечен и голем љубител на видео игри, без претходни проблеми со законот. Робинсон бил уапсен откако неговиот татко го препознал на фотографиите објавени од полицијата и го убедил да се предаде.
Свет
Орбан до Западот: Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја веќе три и пол години ја плаќа цената на војната во Украина, и покрај тоа што, како што рече, „тоа не е нашa војна“.
Тој нагласи дека западните лидери се обидуваат уште подлабоко да ја вклучат Унгарија во конфликтот, но дека Будимпешта ќе продолжи да се спротивставува.
„Ќе го браниме нашиот народ, нашата слобода и ќе тежнееме кон мир,“ порача Орбан преку платформата Икс.
Тој додаде дека Европската унија е создадена да им служи на суверените нации, а не да владее со нив. „Брисел не ја контролира Унгарија. Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ. Време е работите да се исправат,“ изјави Орбан.
Свет
Се откачи жичница во Русија, повеќе од 30 евакуирани, има загинати

На планината Елбрус, во руската република Кабардино-Балкарија, се случи несреќа со жичница при што загинаа три лица, а повеќе од 30 беа евакуирани, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, загинале жител на Кабардино-Балкарија, жена од Дагестан и маж од Москва. Несреќата настанала кога сајлата излетала од валјак на еден од носачите.
Во моментот на инцидентот, на жичарата имало 37 луѓе, од кои 35 биле успешно евакуирани.