Македонија
Полицискиот синдикат бара парична награда за вработените од најмалку 25.000 денари
Раководството на Македонскиот полициски синдикат во периодот што измина на повеќе наврати од министерот Чулев, покрај низата барања, бараше на сите вработени во Министерството за внатрешни работи поради посебен придонес во борбата со Ковид-19, да им се исплати награда во висина од најмалку една просечна плата.
„Министерството не го прифати нашето барање, при што нелогично за нас самостојно излезе со барање до Владата за донесување уредба со законска сила, според која на секој вработен во Министерството за внатрешни работи да му се исплати награда во висина од 15.000 денари. Денес, по изјавата на министерката за финансии, се обелодени дека МВР ги нема и тие парични средства, односно нема парични средства за исплата и на 15.000 денари награда на секој вработен и дека со ребалансот на буџетот нема побарано финансиски средства за оваа намена.
За нас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата, сумата од 15.000 денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000 денари“, се вели во соопштението.
Македонскиот полициски синдикат се надева и на јавна поддршка на ваквото барање, како што наведува, од причини што „сите граѓани се свесни за жртвата и посветеноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи во насока на зачувување на здравјето, имотот на граѓаните и јавниот ред и мир во овој период на владеење на светска пандемија на Ковид-19“.
„Ги охрабруваме сите вработени во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансова полиција да продолжат со посветеното и пожртвувано извршување на своите службени задачи, а на Македоскиот полициски синдикат да ја остават борбата за сите нивни права од работниот однос, со надеж дека во најкус временски период ќе ја добиеме наградата од најмалку една просечна плата“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски избран за потпретседател на ЗЕЛС
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) едногласно е избран за нов потпретседател на организацијата.
Герасимовски се заблагодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба и ја потврди својата заложба функцијата да ја извршува во интерес на граѓаните.
„Очекувам новиот состав на ЗЕЛС да биде на висина на својата задача и да воспоставиме конструктивна и конкретна меѓуопштинска соработка, без политизација и со целосна посветеност на граѓаните. Во следните четири години пред нас е сериозна задача: зајакнување на процесот на децентрализација, поголема фискална самостојност и пошироки ингеренции, со една единствена цел, да обезбедиме подобри проекти и услуги во нашите општини“, рече Герасимовски.
На седницата за претседател на ЗЕЛС е реизбран градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а покрај Герасимовски за потпретседател е избран и Изет Меџити.
Делегатите дискутираа за предлог-стратегијата на ЗЕЛС за 2026–2030 година, како и за актуелните предизвици во локалната власт, со цел унапредување на работењето на општините и зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи.
Македонија
СДСМ: Уште еден доказ, Мицкоски го зеде судството во свои раце па се фали со добиени пресуди
Христијан Мицкоски го зеде судството и обвинителството во свои раце па сега се фали со добиени судски пресуди против СДСМ, реагираат од опозициската партија.
„Па нормално дека Мицкоски добил пресуда. Но баш чудно, зошто токму денес го објавува овој голем „успех“ на судството на Мицкоски? Токму кога најавивме иницијатива до Уставниот суд за неуставната Резолуција со која сакаат да ја замолчат опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари! Дали и во Уставниот суд Мицкоски планира да прави притисок за да одлучува „брзо“ за иницијативата на СДСМ? СДСМ нема да дозволи задушување на демократијата и слободата на медиуми. Со сите демократски механизми ќе се бориме за Макеоднија дури и пред меѓународните институции“, пишува во реакцијата на СДСМ, по објавата на пресуда од Апелациониот суд од страна на Мицкоски.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски реизбран за претседател на ЗЕЛС
Со едногласна одлука на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја извршува функцијата претседател на ЗЕЛС. За потпретседатели се избрани Изет Меџити и Горан Герасимовски.
„Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност.
„Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, јасно ги дефинираме приоритетите и подготвено настапуваме во дијалогот со централната власт. Во изминатиот период активно учествувавме во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што беше прифатено и нашето долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција“, рече тој.
Ѓорѓиевски најави дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.
„Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати“, рече тој.

