Свет
Индија ги попушти мерките и забележа речиси 6.000 нови случаи за еден ден
Во Индија се потврдени речиси 6.000 нови случаи, што е најголемоо дневно зголемување во земјата до денес, а владата ги олеснува мерките и авиокомпаниите се подготвуваат повторно да воспостават дел од авионските линии во земјата.
Во земја со 1,3 милијарда луѓе коронавирусот досега е потврден кај повеќе од 118.000, а 3.583 лица починале. Бројот на заразени лица се зголеми 5 проценти во однос на претходниот ден.
Премиерот Нарендра Моди го продолжи карантинот до 31 мај.
Сепак, мерките се релаксирани во области со помал број заразени лица, а на сојузните држави им беше дозволено да издаваат свои упатства за одредени аспекти на пандемијата.
Индиските авиокомпании ќе може да воспостават околу една третина од своите летови, но само во земјата и според некои најстроги правила во светот.
„Големо зголемување на бројот на заразени лица се случи кога делумно беше дозволено движење во земјата. Сепак, во целина, ова е многу послаб експоненцијален раст отколку во остатокот од светот“, рече професорот по епидемиологија, Џиридар Бабу, од Индиската фондација за јавно здравје.
Индија има ниска стапка на морталитет од Ковид-19, веројатно поради возрасната структура на населението.
Дури 93,5 проценти од Индијците се на возраст под 65 години, а од коронавирус умираат главно постари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германија нуди 1 милион евра за информации за нападот врз електричната мрежа во Берлин
Германија нуди награда од 1 милион евра за информации што ќе доведат до апсење на осомничените екстремно левичарски милитанти чие палење претходно овој месец предизвика масовен прекин на електричната енергија во Берлин.
Полицијата трага по членови на „Vulkangruppe“ (Вулканска група), која ја презеде одговорноста за нападот, објави Euronews.
Нападот остави околу 45.000 домови и 2.200 бизниси во југозападниот дел на германската престолнина без електрична енергија речиси една недела во сред зима. Тоа беше најдолгиот прекин на електричната енергија во градот од крајот на Втората светска војна.
Крајно левичарската „Vulkangruppe“ ја презеде одговорноста за прекинот во неколку онлајн објави, велејќи дека нивната цел била да ја нападнат индустријата за фосилни горива, а не да предизвикаат прекин на електричната енергија.
Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добриндт, вети решителен одговор при објавувањето на наградата.
„Нашите безбедносни агенции ќе бидат значително зајакнати во борбата против левичарскиот екстремизам“, изјави тој. „Верувам дека е соодветно да се нагласи сериозноста на ситуацијата со награда од ваков обем“.
Добриндт објави дека полицијата ќе започне јавна кампања за собирање информации и промоција на наградата, што вклучува делење летоци и лепење постери во берлинското метро.
фото/Depositphotos
Свет
Русија од почетокот на годината зазела над 500 квадрати километри од Украина, според началникот на Генералштабот
Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов, ги посетил единиците на истокот на Украина и изјавил дека Русија од почетокот на јануари зазела повеќе од 500 квадратни километри територија.
Во видеоснимка објавена од руското министерство за одбрана, Герасимов тврди дека руските сили напредуваат „на сите правци“.
Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека Герасимов ги посетил војниците кои се борат на истокот на Украина. Во објавата на Телеграм се наведува дека тој „извршил увид во напредокот на борбените задачи што ги спроведуваат формациите и единиците на борбената група Запад“. Министерството не прецизира кога и каде точно се случила посетата.
Герасимов во видеото изјавува дека руските сили „ја продолжуваат офанзивата на сите правци“.
Според него, од почетокот на годинава руската војска презела контрола врз 17 населени места и повеќе од 500 квадратни километри украинска територија. Тој тврди и дека руските сили напредуваат кон градот Запорожје.
Објавата за посетата на Герасимов доаѓа неколку дена по трилатералните преговори меѓу руските и украинските претставници, одржани во Обединетите Арапски Емирати со посредство на САД. Целта на преговорите е да се стави крај на војната што трае речиси четири години. Наредната рунда преговори, според најавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, се очекува на 1 февруари.
Свет
Германскиoт министер за одбрана: Не можеме да испратиме нови „Патриоти“ во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Берлин не е во можност да испорача дополнителни системи за воздушна одбрана Патриот во Украина.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со литванскиот министер за одбрана Арвидас Анушаускас, Писториус ги повика сојузниците да ја засилат поддршката за воздушната одбрана на Украина, истакнувајќи дека Германија има многу ограничени преостанати капацитети.
Тој нагласи дека Германија веќе завршила „несразмерно голем дел од работата“, бидејќи предала повеќе од една третина од своите системи Патриот на Украина.
„Во моментов, не можеме да направиме ништо повеќе бидејќи самите чекаме замена за системите што веќе се испорачани“, изјави тој.
Германскиот министер, исто така, призна дека бројот на системи за воздушна одбрана ИРИС-Т што Германија ги испорача на Украина е недоволен. Тој истакна дека Германија во моментов е единствената земја што може да му ги обезбеди на Киев овие системи и дека тоа го прави, како што изјави, „во одредена смисла континуирано“.
И покрај ова, поради значителното зголемување на руските напади, досегашните испораки сè уште не ги задоволуваат потребите на Украина.
Писториус апелираше до партнерите во НАТО и Европската Унија, предупредувајќи за критичната потреба на Украина од муниција и воена опрема. Тој истакна дека задачата на сите сојузници сега е заеднички да ги разгледаат сопствените залихи, особено оние земји што сè уште имаат простор да го зајакнат украинскиот противвоздушен штит.
Системот „Патриот“ е ракетен систем земја-воздух наменет за одбрана од балистички и крстосувачки ракети и авиони. Опремен е со напреден радар што овозможува откривање и следење на цели на долги растојанија и се смета за еден од најефикасните системи за противвоздушна одбрана во светот.
Украинското Министерство за одбрана на 1 јануари објави дека уште два системи „Патриот“ се ставени во борбена употреба за заштита на украинските градови и клучната инфраструктура.

