Македонија
„Транспаренси“: Државите мора да обезбедат транспарентност и усогласеност со антикорупциските одредби
UNCAC-коалицијата ги повикува владите да обезбедат висок степен на транспарентност во нивното справување со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19 со цел нивните заложби да бидат поефикасни и да ги намалат последиците предизвикани од корупција и измами.
„Транспаренси интернешнл – Македонија“, како членка на UNCAC-коалицијата, во повеќе наврати укажа за заложбите што ги презема за време на Ковид-19 преку јавни соопштенија преку медиумите и социјалните медиуми, како и на активностите што заеднички ги спроведува во рамките на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Како што многу држави мобилизираат огромни суми во своите кризни фондови со цел справување со кризата, на јавноста, граѓанското општество и на медиумите мора да им биде обезбедена слобода во набљудувањето и евалуацијата на тоа како се трошат јавните ресурси.
„Во ова време на криза, кога граѓанските слободи се ограничени и системот на спреги и кочници е ослабнат, повеќе од кога било е неопходно да се осигурат транспарентноста и антикорупциските принципи на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата и нивно спроведување“, изјави Матијас Хутер, директор на UNCAC-коалицијата.
Во рамките на Конвенцијата, 186 држави од светот се обврзаа да создадат системи за јавни набавки, кои ќе се основаат на транспарентност, конкуренција и објективни критериуми во носењето одлуки. Во своите заложби во пандемијата предизвикана од Ковид-19 владите мора да обезбедат активно објавување на информациите поврзани со процесите на јавните набавки и јавен пристап до сите важни документи вклучувајќи ги и поголемите евалуации, склучените договори, нивното спроведување и завршувањето на проектите.
Неопходно е ова да се примени на склучените договори во постапките за време на криза.
Понатаму, јавноста треба да има пристап до информации, датуми на регистрација на компаниите, нивните поднесени документи, како и нивните директни сопственици, со цел да набљудува кој има придобивки од јавните договори.
Исто така, неопходно е владите да обезбедат транспарентност и одговорност во управувањето со јавните финансии, како што се обврзаа тоа да го прават во согласност со UNCAC: владите треба да обезбедат целосна транспарентност и соодветен надзор на ресурсите што се распределени за справување со кризата од Ковид-19. Во принцип, имињата и идентитетите на компаниите и претпријатијата што примаат помош во период на криза или финансирања, дали во форма на грантови или нискокаматни кредити, треба да бидат јавно достапни, како и деталите во однос на дадената поддршка и какви било поврзани услови.
Граѓанските организации играат важна улога во набљудувањето во трошењето на јавните ресурси и осигурување одговорност кај тие што носат одлуки. Владите се обврзаа на промовирање активна вклученост на граѓанскиот сектор во борбата против корупцијата во рамките на член 13 од UNCAC. Исто така, неопходно е владите да обезбедат соодветен простор за граѓанските организации, како и медиумите да може да функционираат, дури и во време кога граѓанските слободи се ограничени за заштита на јавното здравје.
Во справување со пандемијата од Ковид-19 голем број влади презедоа мерки да се ограничат транспарентноста и јавниот пристап кон информации. Ефикасен пристап до информации е клучен не само за превенција и детектирање корупција и осигурување на одговорноста туку и за промовирање на јавната доверба и справувањето со дезинформации.
„За време на Ковид-19, пристапот до информации е поважен од кога било поради тоа што јавноста мора точно да знае што правини вната влада за справување со кризата и да се осигури одговорност во нивните одлуки“, вели Дејвид Банисар, претседател на UNCAC-коалицијата и претседател на ‘Транспарентност’, во рамките на членот 19: „Пред сè, владите не смеат да ја користат пандемијата како можност да ги покријат својата неспособност, корупција или поширока злоупотреба на човековите права“.
Укажувачите често играат важна улога во откривањето случаи на корупција, непотизам, измама, загуба и други проблеми што влијаат на јавноста. За време на кризата, многумина излегуваат пред јавноста со октривање на проблемите со итните реакции, што доведе до подобрувања. Но, многумина исто така биле казнети или биле под закана поради таквите постапувања. Поради тоа, неопходно е државите да усвојат и спроведат законска рамка, која ќе осигури целосна заштита на укажувачите што укажуваат на грешки во јавниот и приватниот сектор.
UNCAC-коалицијата исто така ги повикува сите донатори што ги поддржуваат државите во врска со справувањето со здравствената и социо-економската криза предизвикана од Ковид-19, меѓународните организации, владите, фондациите, како и другите приватни донатори – да осигурат највисоки степени на транспарентност кога обезбедуваат помош.
Донаторите е потребно јавно да ги објават деталите на финансиската и нефинансиската дадена помош, сите услови поврзани со помошта, имињата и другите идентификувачки фактори на компаниите на кои им се доделени договори, како и нивните сопственици. Транспарентноста е неопходна за да им се овозможи на граѓанските организации и јавноста да ги набљудуваат доделувањето и користењето на помошта во сите нејзини облици. Понатаму, донаторите треба да ги вклучат сите антикорупциски мерки во кризните фондови што ги доделуваат за да може да обезбедат дека средствата не се несоодветно распределени, украдени или потрошени, туку ефикасно насочени кон тие на кои најмногу им е потребна помош, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

