Македонија
(Видео) Николовски: Изборите се гаранција за поефикасно справување со последиците од кризата
„Заедно со кандидатите за пратеници од Изборната единица 3 денеска имавме координативен состанок со Регионалниот изборен штаб.Разговаравме за справувањето со коронавирусот, за мерките за заштита на граѓаните и потребата од избори најдобро што може.Изборите се потребни заради целосна подготвеност на државата пред вториот бран на вирусот наесен, заради заштита на здравјето, рестарт на македонската економија но и целосно функционални институции.Изборите се решение! Тоа е нашата порака“, изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 3.
Според него, тоа е решение затоа што ќе им дадат полн легитимитет на законодавната и извршната власт, на ново Собрание и Влада, затоа што ќе создадат простор за подобра и понавремена подготовка пред вториот бран на вирусот наесен.
„Решение кое гарантира најголема заштита на здравјето на граѓаните и најдобри услови за рестарт на економијата. Никој не знае колку ќе биде голем и какви последици би донел тој нов бран на коронавирус на есен, за што предупреди и Светската здравствена организацијата. Затоа сега е моментот, кога ситуацијата ја држиме под контрола.
На државата на граѓаните и се потребни институции, функционално Собрание, политичка Влада со пренесен легитимитет од граѓаните.Така, државата уште подобро би се справила со тоа што не чека на есен.Здравјето и животот на луѓето се најважни. Но, важна е и економијата, важни се и останатите сектори.Колку пократко трае оваа состојба ,толку побрзо ќе се вратиме во нормала.Затоа, изборите се решение“, вели тој.
„Уверени сме, институциите ќе ги обезбедат сите превентивни мерки за 100% заштита на граѓаните на денот на гласањето, ќе имаме 100% безбедно гласање.Веќе 18 држави соопштија дека ќе одат на избори пред летото. Сите држави кои имаат избори оваа година ги закажуваат во овој период, затоа што тоа е одговорно, државнички.
Предлозите за избори на крајот на август или почетокот на септември, се опасни за здравјето и всушност се предлози да нема воопшто избори туку да се создаде Уставна криза.Ние како одговорни луѓе тоа нема да го дозволиме.Мицкоски од сите страни е веќе виден како неодговорен и незрел политичар, тоа го велат граѓаните.Ничија политичка кариера не може да биде поважна од граѓаните и нивната сигурна иднина“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Николоски: Започнаа промените во општина Карпош, ќе се реконструираат преку петнаесетина улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Вечерва почнува зимска бајка на Плоштад Македонија: Елката ќе светне во 18 часот, Дедо Мраз ќе стигне на 27 декември
Елката на Плоштад Македонија вечерва во 18 часот ќе биде осветлена со свечена церемонија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. До 31 декември секоја вечер со почеток во 18 часот ќе има празнична програма, а за дочекот, на барање на градоначалникот ќе пеат македонски музички ѕвезди.
„За првпат по неколку години стагнација во главниот град свечено ја почнуваме новогодишната приказна со церемонија за осветлување на градот поставувајќи темели на новата празнична традиција по примерот на најразвиените европски метрополи. Денес во 18 часот, во срцето на градот, на Плоштадот Македонија свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен новогодишниот маркет со што симболично го обележуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој смета дека со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања.
Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.

