Македонија
Прва трансплантација на срце – историски ден за македонското здравство
На денешната прес конференција одржана по повод првата трансплантација на срце во нашата земја зборуваа министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче, проф. д-р. Сашко Јовев од државна кардиохирургија, академик д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев клиника“, проф. д-р Александар Николиќ од „Аџбадем Систина“ и анестезиологот д-р Маја Мојсова Мијовска од КАРИЛ, воедно и Национален координатор за трансплантација.

Министерот Филипче нагласи дека денеска, како земја, испишавме историја бидејќи за прв пат беше направена трансплантација на срце од починат дарител- чин, акт и целоцна организација, предоперативна подготовка, оперативна интервенција и постоперативен тек на којшто треба да бидеме сите многу горди.
„Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин, чин на човекољубие, на алтруизам, заради тоа што откако семејството Диневи кое пред неколку дена ја загуби својата сакана мајка и сопруга, по дијагностицирањето на мозочната смрт се согласи да ги донира срцето и бубрезите на починатата. Верувам дека со ова ќе се испрати многу силна порака до сите наши граѓани колку е битно органодарителството и како тоа во даден момент спасува живот“, изјави Филипче и додаде дека кардиохирургијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ.
„До вчера не бевме моќни да го спасиме животот на Иван Огњановски, поради тоа што сите механизми на лекување беа исцрпени. Меѓутоа со овој чин на алтруизам на семеството Диневи- на Миле, Влатко и Викторија, ги спомнувам со нивна согласност, срцето на нивната сакана сега чука во градите на Иван и тој го почнува неговиот втор живот. Борбата е на почетокот, заврши еден од најтешките делови. Се надеваме дека, во процесот којшто следи организмот нема да го отфрли срцето, исто така и двата бубрези кај другите двајца реципиенти кои сега ќе живеат многу поквалитетен живот и нема да одат на дијализа“,потенцираше Филипче.
Тој нагласи дека вчерашниот настан и оваа интервенција е многу битна и од друг аспект.
„За првпат се обединија капацитетите, знаењата, искуството и експертизата на тројцата наши врвни кардиохирурзи, професор Сашко Јовев од Државната Клиника за Кардиохирургија, Академик Жан Митрев од клиниката Жан Митрев и професор Александар Николиќ од клиниката Аџибадем Сиситина коишто покажаа дека здравјето на граѓаните е на прво место и етиката и хипократовата заклетва ги надминуваат сите разлики. Овој процес на припрема за трансплантација на срце, со Националниот Координатор, Маја Мојсова, со нашиот кардио хирург од Франкфурт, д-р Петре Ристевски, го започнавме пред повеќе од година, се направија протоколите, се направи национална листа на чекање, на кандидати за срце и го чекавме само овој ден. Сакам да им честитам на сите од тимот, којшто синоќа со огромна доза на ентузијазам, пожртвуваност, висока професионалност, покажаа како се работи за да се спаси човечки живот“,рече Филипче и им посака и понатаму успешна работа и зајакнување на процесот на трансплантација.
Проф. д-р Сашко Јовев од државна кардиохирургија изјави дека ова е круна на македонската медицина.

„Би сакал најнапред да се заблагодарам на фамилијата на донорот, која што овозможи да спасиме еден друг живот. Понатаму, посебно би сакал да се заблагодарам на Министерот и нашата Влада кои што овозможија да се изведе сето ова и да продолжам со целиот тим на Универзитетската Државна Кардиохирургија, на Координаторот за трансплантација и нејзиниот тим, како и на колегите од останатите иснституции со кои што заедно, практично го изведовме ова и покажавме дека заедно сме посилни и може да направиме многу.“- кажа д-р Јовев и извести дека пациентот засега е добар, а ова, не само што преставува, само по себе, како зафат, круна во кардиохирургијата и во медицината, туку претставува и заокружување на еден започнат процес на лекување на терминалната срцева слабост – патологија, која што е се почеста, патологија, која што во светот завзема епидемиски размери.
Јовев потсети дека лекувањето на терминалната срцева слабост е започнато со имплантацијата на уреди, таканаречени механички помагала или популарно кажано механички срца. Но, сепак трансплантацијата на срце е можеби одговор, кој што најретко ќе го добиеме, а сепак може да овозможи најпристоен и најдолг живот за оној кој што ќе го прими.
Академик д-р. Жан Митрев посочи дека ова за него е голем настан и изрази благодарност до Министерот Филипче за обединувањето на тимот.

„Од минатата година, за прв пат во Македонија се дозволи вградување на вештачко срце и тоа беше првиот исчекор кон сето ова. Бидејќи штом се дозволат такви операции, кои се привремено решение, а трајното решение е трансплантација, сето ова беше неминовно и логично и мораше да се случи. Се покажа дека ги имаме сите капацитети и сите можности и морам јавно да се заблагодарам на Министерот Филипче кој не организира, кој не сплоти и колку и да сме различни, сепак на крајот сме исти, имаме една цел, а тоа е да ги лекуваме пациентите. Без разлика дали сме приватни, државни, ние сме во таа дејност, со таа функција и сето ова е една голема и успешна приказна.“ – изјави академик д-р. Митрев.
Проф. д-р. Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“ изрази задоволство што е дел од еден од најзначајните чекори во медицината и историски ден за нашата земја.

„Ништо од ова не би се случило без силната заложба на Министерството за здравство и веројатно би чекале за ова многу долго. Благодарение на сето ова, влеговме во едно ново поле во медицината и се надевам дека отсега ќе имаме уште многу убави случувања и дека македонското здравство ќе оди на прав пат, напред.“ – изјави Проф. д-р Николиќ.
На прес конференцијата се обрати и анестезиологот д-р. Маја Мојсова Мијовска која е и Национален Координатор за трансплантација.

„Ова немаше да биде успешно доколку не постоеше тоа семејство, кое што навистина, со најголема емоција, ги даруваше своите органи. Не дека досега не сме работеле кадаверична трансплантација во нашата земја, но секогаш се завршувало со транслплантација на бубрези. Таа програма работи повеќе години успешно. Ова е нешто што долго време го спремаме. Не е случајно вака изведено. Сите овие тимови беа цело време контактирани, имавме многу состаноци во кои што ги синхронизиравме како листите, така и критериумите и протоколите, но сепак требаше да се појави некој, кој што ќе сака да донира“, изјави д-р. Мојсова Мијовска и потсети дека трансплантација на срце која за прв пат се случи во нашата земја може само да ни даде уште поголема воља и надеж дека семејствата кога ќе се соочат со загуба на својот близок, сепак ќе се одлучат да ги донираат органите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење објавен на ЕНЕР, отвораме јавна расправа пред неговото усвојување
Министерството за здравство информира дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување.
-Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно го засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неспорни – тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и тие кои не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа, Министерството за здравство изготви нов Закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, оценува министерот за здравство, Азир Алиу.
„Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.
Со овој закон, испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од било кој комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор.
Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на Рамковната конвенција на Светската здравствена организација“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Македонија
СДСМ: Скршнување од стратешките правци – Мицкоски и Стоилковиќ ја водат Македонија во изолација
„СДСМ со длабока загриженост ги следи контрадикторните сигнали што ги испраќа актуелната влада на премиерот Христијан Мицкоски. Додека официјално се изјавува дека Северна Македонија е стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, во срцето на владата седи Иван Стоилковиќ, вицепремиер и најблизок соработник на Мицкоски, чии отворени проруски ставови и директни врски со Москва се сериозна закана за евроатланската ориентација на земјата“, велат од СДСМ.
„Ова не е само политичка хипокризија, ова е директно загрозување на националната безбедност и иднината на нашата земја во НАТО и ЕУ.
Уште полошо, самиот премиер Мицкоски, и покрај јавните изјави за стратешка соработка со САД, со своите постапки и блиски врски со српскиот претседател Александар Вучиќ, прави сѐ спротивно, водејќи ја Северна Македонија кон изолација слична на онаа во Србија, за да продолжи пљачката на државата и да се избегнат реформите.
Иван Стоилковиќ, со години е клучна фигура во руските обиди да го дестабилизира Балканот.
Уште во 2017 година, за време на политичката криза во нашата земја, Стоилковиќ патувал во Москва каде што, заедно со други балкански политичари, потпишал „Декларација за воена неутралност на Балканот“, документ поддржан од руски дипломати со јасна цел да се спречи пристапувањето во НАТО“, соопштуваат од СДСМ.
„Оваа посета била дел од поширокиот руски план да се осуети нашата интеграција во западните структури. Стоилковиќ бил активно вклучен во координацијата со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ од БИА, кој очигледно дејствувал и по руски инструкции.
Живаљевиќ, според истражувањата на OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting Project) и македонските контраразузнувачки документи, дури престојувал во станот на Бранко Героски Геро, новинар и тогашен главен уредник на големи дневници (сега уредник и сопственик на Plusinfo.mk), кој е дел од мрежата на влијание поврзана со српските и руските интереси во регионот.
Оттаму и оркестрираниот напад врз СДСМ од страна на Героски, кој преку своите колумни и координација на активности со Деспотовски се обиде да го руши СДСМ одвнатре.
Неговата лојалност кон Москва не престанала ни по влезот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година.
Напротив, Стоилковиќ отворено го критикувал влезот во Алијансата и се противел на Преспанскиот договор, клучен за решавање на спорот со Грција и отворање на патот кон НАТО и ЕУ.
Во мај 2023 година, присуствувал на „11. Меѓународен состанок на високи претставници за безбедносни прашања“ во Москва, организиран од Советот за безбедност на Руската Федерација.
Таму бил во друштво на Александар Вулин, тогашен директор на српската БИА и познат проруски политичар, како и Милорад Додик, претседател на Република Српска, кој повеќепати е обвинет за промоција на сецесионизам и блискост со Кремљ.
Овие средби не се случајни, тие претставуваат директен канал на руско влијание врз нашата влада.
Како најблизок соработник на премиерот Мицкоски, Стоилковиќ го промовира концептот „српски свет“ (критикуван во извештајот од Европскиот парламент), кој е тесно поврзан со руската геополитичка агенда на Балканот.
Идејата за „српски свет“ настанала уште во времето на Слободан Милошевиќ, а најдобар ученик на оваа доктрина е токму Александар Вучиќ.
Поддршката на Стоилковиќ и на владата на Македонија за Милорад Додик, особено вклучувајќи го присуството на Стоилковиќ на контроверзната прослава на „Денот на Република Српска“, од пред два дена, и покрај одлуката на Уставниот суд на БиХ, покажува нивна подготвеност за дестабилизација на регионот.
На прославата присуствувал Едвард Хусон, универзитетски професор и геополитички аналитичар.
Еве накратко за професорот, за граѓаните на Македонија…
Што се однесува до неговите анти-ЕУ ставови, Хусон е остар критичар на Европската унија, која ја гледа како потчинета на американските интереси и лишена од стратешка автономија.
Тој ја обвинува Европската комисија, особено Урсула фон дер Лајен, дека ги пречекорила своите овластувања со наметнување санкции кон Русија и дека текстот на санкциите е усогласен со Американците.
Хусон често ја критикува ЕУ поради поддршката за Украина, нарекувајќи ја „нео-фашистичка“ и обвинувајќи ја за хистерија кон Русија.
Ова не е само внатрешна политика, ова е директна поддршка на руските интереси, кои ги користат таквите врски за да ги ослабат НАТО и ЕУ на ниво на Западен Балкан.
Овие врски се протегаат до самиот премиер Мицкоски, кој длабоко ги развива односите со Вучиќ, гледајќи го како клучен регионален партнер, и покрај критиките од ЕУ упатени кон Вучиќ поради блискоста со Москва.
Мицкоски, иако јавно зборува за ЕУ интеграции, со своите постапки ја води Македонија кон изолација, слична на онаа што Вучиќ ја применува во Србија, избегнувајќи длабоки реформи (меѓу кои и реформите на правосудството) за да продолжи корупцијата и пљачката на државните ресурси.
Оваа изолација доаѓа од страв од новиот американски закон за Западен Балкан, кој подготвува задолжителни санкции за лидерите и бизнисмените во регионот вмешани во криминал, корупција и дестабилизација.
Наместо да се соочиме со овие предизвици преку реформи и приближување кон САД и ЕУ, Мицкоски и неговите соработници избираат пат на изолација, (како Вучиќ во Србија), за да ја зачуваат моќта и да продолжат со пљачката на државата.
На граѓаните на Македонија треба да им биде јасно дека Мицкоски ја враќа државата во времето на Груевски.
Оваа „тендер коалиција“ и влада што ја сочинуваат, е подготвена на сѐ (како што се „мигранти за пари“), за да останат на власт, со тоа штитејќи се себеси од одговорност пред лицето на правдата. Нашата иднина е во Европа и НАТО, а не во сенките на Кремљ. За нас Европа и НАТО немаат алтернатива!“, се наведува во соопштението на СДСМ
Македонија
Минусни температури низ целата земја, на Попова Шапка измерени -16 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка кадешто се измерени -16 степени целзиусови, -14 било во Mаврови Анови, -13 во Kрушево, -12 во Пожаране, -11 во Крива Паланка, -10 Ѓуриште, Берово, -9 Тополчани, Битола, Прилеп, Охрид, -8 Виница, Претор, Тетово, Струмица, -7 Скопје-Петровец, -6 Штип, Демир Капија, -5 Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Кавадарци, Велес, -1 Гевгелија.
Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 26 сантиметри на Попова Шапка, 15 Крушево, 5 Ѓуриште, 2 Тетово и Берово.
Времето денеска
Променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3 степени.
Во Скопје, претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен, а претпладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.

