Македонија
Се одбележува меѓународната Недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда
Во периодот од 25 до 31 мај се одбележува 12. меѓународна Недела за подигнување на свесноста за здравјето на тироидната жлезда. Здравјето на тироидната жлезда е важно за целокупното функционирање на организмот бидејќи тироидната жлезда произведува тироидни хормони, кои го регулираат телесниот метаболизам – производството на енергија од нутритиентите и кислородот и се неопходни за круцијалните телесни функции, како што е правилното функционирање на срцето, мускулите и дигестивниот тракт, мозокот и скелетниот систем.
По тој повод, од Универзитетската клиника за ендокринологија потсетуваат дека навремената дијагностика е најважна за успешен третман на заболувањата на тироидната жлезда и доколку навреме се открие болеста и се почне со адекватна терапија, лицата со нарушена функција на тироидната жлезда може да водат нормален живот. Токму поради тоа е потребна редовна контрола на функцијата на тироидната жлезда, која може да се изведе со проверка на нивото на тироидни хормони во крвта. Третманот се состои од земање терапија со тироидни хормони, а доколку станува збор за тироидна жлезда која лачи повеќе тироидни хормони, терапијата е со антитироидни лекови, кои го спречуваат зголеменото лачење на тироидните хормони.
По повод одбележувањето на меѓународната Недела за подигнување на свесноста за заболувања на тироидната жлезда, која годинава е посветена на здравјето н амајките и новороденчињата, Универзитетската клиника за ендокринологија упатува препораки за заштита на нивното здравје.
„Жените се многу поподложни на заболувања на тироидната жлезда – една од осум жени може да има проблем со функционирањето на тироидната жлезда во текот на животот. Ова е особено важно да се земе предвид во текот на бременоста бидејќи за адекватен раст и развој на бебето, како во текот така и по бременоста, неопходно е оптимално ниво на тироидни хормони, кои се одговорни за правилен раст и развој“, потенцираат од Клиниката.
„За таа цел, во нашата земја, кај сите новороденчиња, задолжително се прави проверка за функционирањето на тироидната жлезда – TSH-скрининг. Многу е важно жените што имаат заболување на тироидната жлезда, штом ќе дознаат дека се бремени, веднаш да се јават кај својот ендокринолог со цел да се провери дали нивото на тироидни хормони во крвта е адекватно. Инаку, нарушувањата на тироидната жлезда, како хипотироидизмот (недоволно лачење тироидни хормони) и хипертироидизмот (прекумерно лачење тироидни хормони) може да предизвикаат проблеми со забременување и неплодност. Се препорачува да се направи проверка на нивото на тироидни хормони во крвта доколку жената неуспешно се обидува да забремени повеќе од дванаесет месеци, доколку има нередовни менструални циклуси или претходни неуспешни бремености или доколку во своето семејство има лице со дијагностициран проблем со тироидната жлезда“, посочуваат од Универзитетската клиника за ендокринологија.
Оптималното ниво на тироидни хормони во текот на бременоста е есенцијално за здравјето како на мајката така и на бебето. Недостигот од тироидни хормони (хипотироидизам) во текот на бременоста може да доведе до несакани исходи од бременоста. Мајките со хипотироидизам многу почесто имаат покачен крвен притисок во текот на бременоста, кој може да води до прееклампсија, почесто е и предвремено породување, породување со царски рез и можност за крвавење по породувањето. Бебињата на мајките што имаат недоволно ниво на тироидни хормони во текот на бременоста може да се родат со пониска родилна тежина, често се раѓаат пред терминот, може да имаат неадекватен раст и невропсихолошки нарушувања.
Научните сознанија покажуваат дека некаква форма на нарушена тироидна функција се јавува кај 5 отсто од светската популација или дека речиси 1,6 милијарда луѓе се во ризик да развијат нарушување на функцијата на тироидната жлезда. Дури 50 отсто од луѓето што имаат заболување на тироидната жлезда може да бидат несвесни за симптомите во раните фази на заболувањето.
Постојат два главни типа на нарушена тироидна функција, односно нарушено создавање хормони на тироидната жлезда: хипотироидизам – состојба кога тироидната жлезда не произведува доволно тироидни хормони, што резултира со забавување на телесните функции и метаболните процеси. Симптоми на хипотироидизам може да бидат слабост, малаксаност, добивање телесна тежина, забавена работа на срцето, нетолеранција на студ, нарушен мисловен процес, депресија, констипација, болки во мускулите и зглобовите, суви и кршливи коса и нокти, нередовен менструален циклус или проблеми со забременувањето кај жените. Често кај оваа состојба може да се види зголемување на тироидната жлезда – гушавост; и хипертироидизам – состојба кога тироидната жлезда произведува повеќе тироидни хормони од неопходното, што резултира со забрзување на телесните функции и метаболните процеси. Симптомите на хипертироидизам се резултат на еден забрзан метаболизам и вклучуваат: слабеење, забрзана работа на срцето, вознемиреност, нервоза, проблеми со сонот, забрзана работа на цревата, мускулна слабост следена со тремор, потење, нарушување на менструалниот циклус, при што тироидната жлезда често е зголемена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мигранти во Македонија нема да има, СДС како расипана плоча, растура пердуви во јавноста
СДС секојдневно се обидува да дојде до некакво медиумско внимание преку ширење на лажни вести, шпекулации и невистини, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како расипана плоча или касета која врти во круг, СДС во безидејност, без програма, без идеја, без аргументирана критика, растура пердуви во јавноста.
Еве денес, по не знаеме веќе кој пат, како ВМРО-ДПМНЕ, а вчера и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, веќе демантираше дека ќе има мигранти во Македонија, повторно им кажуваме на СДС, мигранти во Македонија нема да има“.
Македонија
„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено
Денес, во Кривичниот суд, продолжува судењето за грозоморно убиените коњи во ЗОО Скопје – животни кои биле под институционална грижа, а завршија убиени: измачувани, заклани на најбрутален можен начин, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди.
„Ова не е обично рочиште – ова е момент кога државата ќе покаже дали е способна да ги заштити најранливите, или ќе дозволи брутално злосторство да се избрише како да не се ни случило.
До нас доаѓаат сериозни информации дека одредени институции се обидуваат да се прогласат ненадлежни. Ако ова се реализира, тоа ќе значи едно: свесно создавање простор за неказнивост. Тоа е скандал од највисок ранг и директен удар врз правдата, моралот и здравиот разум.
Да биде јасно: коњите биле под институционална грижа, дотогаш мачени, експлоатирани животни. А во ЗОО Скопје – бездушно убиени, буквално масакрирани. Тоа е злосторство кое ја потресе целата држава, секој еден нормален човек. И тоа не смее да биде затскриено зад бирократски игри и формални маневри“.
Бараат најстроги казни, како што велат, без изговори и без обиди за релативизација.
Одговорнос, според нив, мора да има за сите инволвирани, и за извршителите, и за оние кои со своја функција, позиција или молк го овозможиле ова.
„Никој, ниту тогашниот директор, ниту било кој од раководството, не смее да биде поштеден доколку се утврди вина. Бараме најстрога казна затвор.
Ги повикуваме граѓаните, медиумите и сите организации да го следат процесот. Овој процес мора да биде видлив и под будното око на целата јавност.
Ова судење е пресвртна точка: или ќе покаже дека правдата важи за сите – или ќе докаже дека системот свесно штити злосторства. Ако дозволиме овој случај да биде потиснат, тогаш ја прифаќаме бруталноста како норма. Ние тоа нема да го дозволиме. Ова мора да заврши со казна; најстроги казни за сите инволвирани, а не со амнестија и молк“.
Македонија
Одбраната на министерот Шабан Салиу, обвинет како поранешен директор на ДЗС ќе даде воведни зборови, ново судење за „Пулс“
Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени продолжува денес во судницата во Идризово со воведни зборови од одбрана на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Пред крајот на рочиштето за „Пулс“ што се одржа минатата недела судијката Диана Груевска-Илиевска ја повика одбраната на Шабан Салиу за воведни зборови, но откога неговиот адвокат кажа дека има долг воведен збор го прекина судењето и најави дека на денешното рочиште ќе ја слушне одбраната на сите обвинети поврзани со Дирекцијата за заштита и спасување.
Шабан Салиу е актуелен министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата на Ромите 2022-2030 Тој е обвинет како поранешен директор на дирекцијата за заштита и спасување. На таа функција Салиу беше од 2088 до 2017 година.
На листата обвинети поранешни директори на Дирекцијата се и Аднан Џафероски кој директорувал од 2017 до 2020, Беким Максути кој бил директор на ДЗС од 2020 до 2024 година и Џеват Селами кој беше назначен за директор на ДЗС во август 2024 година и беше на функцијата кога се случи трагедијата во Кочани.
Како инспектор во Дирекцијата меѓу обвинетите е Љупчо Грнчиштанов.
По воведните зборови од бранителите на вработените во ДЗС следуваат воведните зборови од одбраната на поранешните министери за економија и на врабптените во Министерството за економија.

