Македонија
Државјани на Албанија илегално влегле во земјата и го прекршиле полицискиот час
Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против три лица, државјани на Република Албанија, поради сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинетите, на 24 мај, на подрачјето на општина Маврово и Ростуше, ги прекршиле правилата за ограничување на движењето за време на полицискиот час, при што биле затекнати од овластени полициски службеници.
„При проверка на нивниот идентитет, било утврдено дека обвинетите, на возраст од 31, 32 и 34 години, илегално влегле на територијата на Република Северна Македонија“, велат од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, со цел да се обезбеди нивното присуство во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител на Основниот суд Гостивар му предложи за лицата да им определи мерка притвор. Судот го прифати ваквиот предлог и на обвинетите им определи притвор во траење од осум дена.
Освен ова, гостиварското Обвинителство за истото кривично дело денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против 7 полнолетни лица, како и барање за поведување подготвителна постапка против едно малолетно лице. Сите се товарат дека го сториле кривичното дело непостапувајќи по одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, односно биле затекнати како се движат на разни локации за време на полицискиот час. Со предлозите за издавање казнени налози Обвинителството предложи парични казни за секого од обвинетите од 100 дневни глоби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Со партиската игранка од пред некој ден, СДС само потврди дека со неа сè уште раководи Зоран Заев. Заев ја води СДС преку неговиот неврохирург, Венко Филипче, кој е негова продолжена рака и преку избраните 40 потрчковци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Неврохирургот на Заев, Филипче, на кој живи му изгореа 14 луѓе во модуларната болница во Тетово и кој без трошка срам и грижа на совест не понесе никаква одговорност, сега се продава како ново лице во политичката сцена.
Но секако, освен неговите 40 потрчковци желни за власт и позиции, никој друг не им верува, дури ни нивните членови, а најмалку македонските граѓани.
Неврохирургот на Заев, Венко Филипче освен што нема никаква грижа на совест и чувство за одговорност, очигледно е опериран и од срам, па така на партиската игранка за негова заменичка ја избрал поранешната претседателка на Сорос во Македонија.
За Фани Каранфилова Пановска, неврохирургот на Заев, Филипче рече дека во себе ги имала социјалдемократските вредности, а истата таа во Сорос земала плата од 3.400 евра.
Од јавно достапните информации од Фондацијата Сорос Македонија, можеме да видиме дека за 2014-та година земала бруто во износ од 2.030,118 денари. А на просечен македонски граѓанин, па и чесен член на СДС им треба пет години да работи за да стигне до оваа баснословна сума која, Каранфилова Пановска ја земала во една година.
Како со ваквите астрономски месечни хонорари и скапи журки по елитни хотели во Дубаи, неврохирургот на Заев, Филипче и потрчкото Каранфилова Пановска ќе им објаснат на јавноста дека се грижат за потребите на граѓаните и дека ќе креираат политики за доброто на државата.
Освен ова, Каранфилова Пановска не може да биде ново лице, затоа што таа е дел од луѓето коишто работеа да го донесат Зоран Заев на власт, кој пак е причината за катастрофалниот пад на СДС, но и за назадувањето на Македонија.
Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДС и дел од 40-те потрчковци на чело со неговиот неврохирург, Венко Филипче.
Сите лица во сегашното раководство на СДС се продолжение на партијата од периодот на владеење на Заев, кога на Македонија и донесе многу национални порази. Во СДС ништо не е сменето, а најмалку Заев“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Средба на лидерот на СДСМ, Филипче со Претседателката Сиљановска-Давкова
Денеска ќе се одржи работна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче и Претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, извести СДСМ.
Средбата ќе биде во Кабинетот на Претседателката на Република Северна Македонија (Вила Водно) со почеток во 15.00 часот.
По средбата, како што е најавено, изјава за медиуми ќе даде претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од 24 до 27 ноември со делегација на министерството е во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати во Абу Даби. Ова е прва официјална посета на ниво на министри за внатрешни работи од осамостојувањето, а е со цел унапредување на билатералната соработка на полето на борбата против тероризмот и брза размена на информации во делот на борба против корупцијата и организираниот криминал и трговијата со луѓе и мигранти.
Во текот на вчерашниот ден на официјалната средба помеѓу министерот Тошковски и министерот за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан беа потпишани два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи помеѓу двете држави.
„Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците. Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти“, потенцираше министерот Тошковски на средбата.
На средбата министерот Тошковски побара да се разгледа можноста за укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу нашите две земји.
Исто така, делегацијата на МВР ги посети Одделот за среќа, Одделот за иновации и Директоратот за операции на МВР на Обединетите Арапски Емирати, каде што непосредно се запозна со нивната работа и иновативните решенија кои ги имаат имплементирано водејќи се пред сѐ од потребите на граѓаните и нивното задоволство од услугите што ги нуди Министерството.