Свет
Од коронавирус починале повеќе Американци отколку за време на епидемијата на СИДА
Од коронавирусот починале повеќе од 100.000 луѓе во САД иако во последно време се намали бројот на смртни случаи, а населението почна со делумно нормализирање на животот по двомесечен застој, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Речиси 1.400 Американци просечно умирале секој ден во мај, што е сепак помалку од максимумот од 2.000 луѓе на ден во април.
За само три месеци, повеќе Американци умреле од коронавирус отколку во Корејската и Виетнамската војна, односно за време на војната во Ирак од 2003 до 2011 година.
Новата болест, која го напаѓа респираторниот систем, исто така убила повеќе луѓе отколку епидемијата на СИДА од 1981 до 1989 година.
Бројот на заразени со корона во САД е повеќе од 1,7 милион жители, а во светски рамки бројот на заразени надминува 5,6 милиони. Епидемијата почна од Кина, а потоа пристигна во Европа и САД. Јужна Америка сега е во исклучително сериозна состојба според бројот на заразени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шпигел: Шолц го блокираше испраќањето оружје во Украина во вредност од три милијарди евра
Германскиот канцелар, Олаф Шолц, го блокира планот за испраќање на пакет оружје од 3 милијарди евра во Украина, пишува „Дер Шпигел“.
Планот, откриен од Шпигел, го претставија министерката за надворешни работи Аналена Баербок од Зелените и министерот за одбрана Борис Писториус од Социјалдемократската партија на Шолц. Двајцата се обидоа да и снабдат на Украина клучни системи за оружје, вклучително и три дополнителни батерии за воздушна одбрана Ирис-Т, 10 хаубици и повеќе артилериска муниција.
Според извештајот, подготовката на пакетот помош започна веднаш по падот на коалициската влада во ноември, а Баербок и Писториус имаа намера да обезбедат парламентарно одобрение за финансирањето пред предвремените избори во февруари.
Нивните министерства го оправдаа барањето со наведување на влошената воена ситуација во Украина, засилена со сомнежите за континуираната американска поддршка по изборната победа на Доналд Трамп. Баербок и Писториус го поставија предлогот како клучен доказ за непоколебливата поддршка на Германија.
И покрај нивните напори, Шолц се спротивставил на планот, пишува „Шпигел“. Актуелниот канцелар, наводно, тврди дека постојните распределби на воена помош – 4 милијарди евра за 2025 година, заедно со средствата од заемот од 50 милијарди американски долари од Г7 финансиран од замрзнати руски средства – се доволни. Тој изрази загриженост за преземањето на големи финансиски обврски од страна на новата влада по изборите.
Важна улога играат и политичките пресметки. Гласините велат дека лидерот на СПД стравува дека ќе изгуби гласови со испраќање дополнително оружје среде изборна кампања.
Свет
Данската влада размислува за зголемување на военото присуство на Гренланд
Данската влада предложи купување на два нови брода за истражување на Арктикот и зголемување на бројот на патроли со санки за кучиња за да го зајакне своето воено присуство на Гренланд.
Покрај тоа, владата предложи надградба на аеродромот во Кангерлусуак, поранешна американска воена база во западен Гренланд, за да можат таму да бидат распоредени борбени авиони Ф35, пренесува Ројтерс.
Данска веќе одвои 400 милиони долари за зајакнување на активностите за надзор и разузнавање во Арктикот и северните делови на Атлантскиот Океан со помош на дронови со долг дострел.
Претходно оваа недела, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека САД сакаат да ја преземат контролата врз територијата на Гренланд, која е дел од Данска.
Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој се залага за нејзина независност, рече дека Гренланд мора да остане обединет, а истовремено ги повика Гренландците да не паничат.
Данска има ограничени воени капацитети на Гренланд, кои во моментов вклучуваат четири бродови, авион за набљудување и 12 патроли со санки од кучиња.
Традицијата на користење на санки за кучиња на Гренланд датира од Втората светска војна, кога патролата беше специјализирана единица на Кралската данска морнарица.
Свет
Мел Гибсон ја изгуби куќата во пожарот во близина на Лос Анџелес
Актерот Мел Гибсон откри дека неговиот дом е уништен во шумските пожари во Лос Анџелес. Во тоа време, тој беше во Тексас и го снимаше подкастот на Џо Роган. Рече дека неговиот имот во Малибу целосно изгорел и го критикуваше гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом за ситуацијата.
„Тоа е емотивно, се разбира. Моите работи беа таму, сега се во пепел“, изјави тој за News Nation. Тој вели дека му било многу непријатно за време на снимањето на целото интервју со Роган бидејќи му било лошо што бил таму додека му гори маалото.
„Се прашував дали мојата куќа сѐ уште е таму. Кога се вратив, се разбира, мојата куќа ја немаше“, додаде тој.
Актерот вели дека интензитетот на уништувањето целосно го шокирал.
„Целосно изгорено. Никогаш не сум видел такво нешто“, вели тој. Гибсон живеел таму 15 години. Откри дека изгореле и куќите на неговите соседи, вклучувајќи ја и онаа на актерот Ед Харис.
Пожарите го опколија Лос Анџелес. Официјалните лица потврдија најмалку 10 смртни случаи, но се стравува дека бројот на загинати ќе се зголеми. Десетици илјади луѓе беа евакуирани, околу 10.000 домови беа уништени, а штетата се проценува на десетици милијарди долари.