Македонија
Регистриран првиот случај на починат здравствен работник од Ковид-19

Во земјата е регистрирана првата смрт на здравстветен работник како последица од коронавирусот.
Станува забор за дипломираниот фармацевт Петар Мојсоски, роден во струшкото село Подгорци.
Како што информираат од Фармацевтската комора на Македонија, тој се заразил со Ковид-19 извршувајќи ги своите професионални должности, укажувајќи здравствена помош на своето работно место, во аптека.
Во соопштението кусо се посочува дека Комората загубила почитуван член, еснафот драг колега, а пациентите посветен здравствен работник.
Мојсоски починал на Клиниката за инфективни болести во Скопје во текот на вчерашниот ден (27 мај). Целата своја кариера ја посветил на пациентите работејќи во аптека, најдолго во родното место Подгорци, но и на други места.
Инаку, уште за време на студирањето во Скопје тој објавувал научни трудови за лековитете растенија и нивната употреба. Во 2005 ја објавил својата прва книга „Лековити растенија на планината Јабланица“, во 2008 „Природни антибиотици“ и во 2009 „Отровни билки“.
Од Фармацевтската комора, изразувајќи сочувство до семејството на Мојсоски и неговите најблиски, посочуваат дека фармацевтските техничари што работат во аптеките се меѓу оние на првата линија во битката против вирусот.
Поради ова, се апелира до граѓаните на високо ниво на свест и придржување до заштитните мерки при посета на аптеките, но и на сите други јавни објекти со голема фреквентност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром добива нов сквер

Општина Аеродром добива нов сквер меѓу кулите кај поранешната слаткарница „Стела“, во внатрешниот дел покрај булеварот АСНОМ во населбата Јане Сандански.
„Станува збор за целосна реконструкција на плочникот меѓу зградите на површина од околу 2.800 м2, со што овој простор ќе добие нов сјај со содржини приспособени за сите генерации. Покрај замената на старите и дотраени плочки, скверот ќе биде опремен со комплетно нова урбана опрема, односно нови клупи, нови канти за отпадоци, како и со хортикултурно уредување“, соопштија од Општината.
Реконструкцијата на оваа локација ќе го опфати и детското игралиште, каде што ќе бидат поставени нови забавни реквизити и подлога.
Проектот е финансиски поддржан од Владата и е во вредност од 10 милиони денари.
Македонија
(Видео) Манасиевски: СДС повикуваше да го смениме Уставот за да се гордееме, со објаснување дека нема да има нови блокади, ќе се извинат ли сега?

Нема да има подобар договор ниту нови условувања, да донесеме одлука со која сите ќе се гордееме, кажа Димитар Ковачевски на 06.08.2023 година. Ова е извадок од соопштение од СДС од нивната официјална страница. Од овде се гледа дека СДС свесно лажеше, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес 23.04.2025 година, нецели две години потоа, министерот за надворешни работи на Бугарија лично кажа дека со промената на Уставот, нема да завршат бугарските барања.
Дополнително еврокомесарката Марта Кос, кажа дека не може да потврди дека нема да има нови блокади заради билатерални прашања.
Двете тези на СДС со кои ги лажеа граѓаните дека нема да има нови барања од Бугарија, и втората дека нема да има блокади заради билатерални прашања се побиени“, додава тој.
СДС, според него, ја донесе државата до ќорсокак. Оценува дека лошите политики, кусогледоста и немањето визија денес не чинат и преговарачки позиции и углед.
СДС, вели Манасиевски, треба да се извини за грешките кои ги направија со Бугарија. Штетите, како што рече, се преголеми.
Македонија
Таравари не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата, вели Меџити

Министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити очекува министерот за здравство Арбен Таравари и лидер на Алијансата за Албанците, како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, да ја напушти и Владата. Меџити вели дека синоќа имале седница на Владата, на која, покрај за реализација на програмите и проектите, разговарале и за политичката ситуација.
„’Влен’ нема никакви дилеми, продолжува во таа насока за што и ги побара тие 107 илјади гласа како победник во албанскиот кампус. Како што ветивме – донесовме промена, ротација, плурализам и демократија во албанскиот кампус. Ние стоиме цврсто на тој пат. Тука е проблем господинот Таравари. Ние одлучивме дека ‘Влен’ ќе биде едно, ќе се стопат сите политички партии во ‘Влен’ оти тоа го бараат нашите гласачи. Второ, одлучивме дека и соработка со ДУИ и останување во ‘Влен’ не е можно и мислам дека и соработка со ДУИ и дел од Владата не штима, не оди. Тоа е нашиот политички став, ист ќе биде и на 29 април и на 1 мај. Нема логика да се соработува со ДУИ и да се биде дел од Владата“, рече денес министерот Меџити по обраќањето на Форумот за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија.
Според него, Меџити треба да се определи. Има легитимно право да соработува со ДУИ, но треба да не се срами, да го објави тоа и да премине во тој табор.
Меџити не одговори конкретно на прашањето дали од премиерот Христијан Мицкоски ќе побара Тарвари да ја напушти Владата, но потврди дека е можна средба меѓу нив, на која, без разлика на кој датум ќе се одржи, политичкиот став на „Влен“ ќе биде ист.
Спојувањето на партиите што сега се дел од коалицијата „Влен“, со исклучок на Алијансата за Албанците, е во тек. Меџити извести дека претседателството ќе има 23 члена и дека неговото име е меѓу оние што се споменуваат како кандидати за лидери.