Македонија
Бугарија го укинува задолжителниот карантин за патниците од Македонија од 1 јуни

Бугарија планира од 1 јуни да го укине задолжителниот 14-дневен карантин за патниците од Македонија и од повеќето земји на ЕУ, но не и од земјите со најголема епидемија на коронавирусот, рече денеска главниот инспектор за здравство, Ангел Кунчев.
Карантинот ќе остане задолжителен за патниците од Шведска, Белгија, Ирска, Португалија, Шпанија, Италија и од Малта, како и од Велика Британија, која е во транзициски период по напуштањето на ЕУ.
Кунчев рече дека работната група за сузбивање на вирусот ѝ предложила на Владата да го укине карантинот од 1 јуни. Овој план треба да добие потврда од министерот за здравство.
„Планираме да го укинеме задолжителниот карантин за Бугарите што се враќаат од странство и за патниците од Северна Македонија и Србија, како и за земјите на ЕУ. А ќе ги задржиме за осумте земји на ЕУ, кои имаат најмногу регистрирани случаи во претходните две недели“, рече Кунчев.
Со укинување на карантинот и отворање на границите властите се обидуваат да ги поттикнат трговијата и летната туристичка сезона во одморалиштата на брегот на Црното Море.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Демократски сојуз: Заканите за дестабилизација се очајнички обиди на Ахмети за враќање на власт

Повеќе од 20 години Али Ахмети беше на власт, промовирајќи етнички поделби, јавашлук неодговорност, велат од Демократскиот сојуз. Дуизацијата и криминализацијата на државата, од Демократскиот сојуз велат дека немаат ништо заедничко со правата на Албанците, туку перфидна стратегија за владеење, разоружување и разнебитување на државата.
„Затоа заканите (последните во Струга) за дестабилизација и заканите за остатокот на Македонија и излегување на улица, му се удираат од глава. Ќе биде долго во опозиција. Сите граѓани се свесни, вклучително и Албанците, дека грабежот од позиција на власт промовирајќи билет за во еден правец – заминување на младите во странство.
Без разлика на се, треба државата да дејствува превентивно и да постапи како и сите други демократски држави. Да иницира постапка за спречување на налудничавото, деструктивно и противуставно дејствување. Јазичните, институционалните, етнички или верски права на Албанците не се загрозени, туку се тресе тлото на политичката надмоќ која повеќе од 20 години го ограбува сопствениот народ“, велат од Демократски сојуз.
Од таму сметаат дека заканите, насилството и тероризмот не можат да бидат платформа за враќање на власт, оти тој филм еднаш помина. Само владеење на правото, економски развој и имплементација на европските вредности се гаранција за мир, стабилност и просперитет.
Македонија
Димитриевски: Време е за промена што ќе произлезе од народот, а не од политички пазари

Во рамки на кампањата „Заедно знаеме повеќе“, претседателот на Движењето
ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски од Охрид упати јасна и
силна порака до раководството на СДСМ, но и до сите граѓани кои се
чувствуваат изневерени од политиките на истите.
„Тие беа трговци, а нашите белези на главите сѐ уште стојат тука, зошто?
Верувавме ние во тие концепти, за жал не’ продадоа. Но, тие лоши трговци
менуваа, за жал, и трампаа бајадери за корнишони. И тоа не смееме
никогаш повеќе да го дозволиме. Се играа со тоа што е најсвето за сите
нас и ги поминаа сите граници“, рече лидерот Димириевски.
Тој вели дека Македонија не смее да биде повеќе монета за поткусурување во рацете на
неспособни и корумпирани лидери и укажува дека е време за промена што ќе произлезе од народот, а не од политички пазари.
Македонија
Скопско Инџиково добива градинка за 48 деца, премиерот и министрите направија увид на градежните работи

Општина Гази Баба ќе добие нова градинка во населба Инџиково, која се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и градоначалникот Бобан Стефковски, денеска извршија увид на градежните активности. Како што појасни градоначалникот Стефковски, градинката се гради на површина од 490 метри квадратни, ќе биде приземјен објект со висина од 3 метри, ќе има три занимални и други помошни простории, со капацитет за згрижување на 48 деца, 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.
Градоначалникот Стефковски изрази благодарност на владината поддршка и истакна дека таа е вистински партнер на граѓаните и општините, која ги препознава потребите и барањата на граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изрази задоволство од напредокот на изградбата на објектот.
„Овој проект е насочен кон подобрување на условите за најмладите, за нашата иднина. Ова е проект еден од четирите од првиот владин повик во насока на подобрување на капиталната инфраструктура. Општина Гази Баба во првиот јавен повик доби околу 190 милиони денари, на вториот аплицираше со 16 проекти, приближно со 600 милиони денари и во периодот што следи граѓаните може да очекуваат градежен бум кој значително ќе ги подобри условите на инфраструктурата“, истакна Перински.
Изградбата на градинката, како што порача министерот Лимани, е дел од пошироката заложба на Владата за рамномерен развој и грижа за секое дете, во секое населено место и информираше дека годинава се очекува да започнат со работа повеќе од 10 детски градинки, кои ќе овозможат сместување за над 1500 деца, а уште 15 градинки се во подготовка или во тек изградба.
„Самата постапка на промена на ресорите во самата Влада уште на почетокот на мандатот на оваа Влада, значеше дека тогашното Министерство социјална политика и труд ќе добие поинаква конотација и поширока надлежност, особено во делот на демографијата и младите. Овој објект е токму во таа насока, бидејќи колку повеќе градинки и училишта, толку подобри услови за нашите најмили, а тоа се дечињата. Тоа е еден предуслов за подобра демографија и повеќе дечиња да имаме на коишто ќе се радуваме. Тоа е суштината на политиката на оваа Влада и токму поради тоа денеска Министерството е за социјална политика, демографија и млади“, истакна премиерот Мицкоски.