Македонија
Милевски: Обезбеден повеќенаменски простор во Могила, ги приближуваме руралните средини кон градските
Целосна реконструкција на објект во село Ивањевци, општина Могила, во повеќенаменски простор, поддржана од Министерство за локална самоуправа во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година. Вкупниот буџет за овој проект за развој на Пелагонискиот Плански Регион е 5.490.279 денари, од кои 1.860.000 денари се обезбедени со кофинансирање од страна на Општина Могила.
„Реконструкцијата опфати и изградба на повеќенаменски простор, кој ќе служи за обезбедување услуги од административно-социјален карактер на жителите од овој дел од регионот со цел подобрување на условите за живеење во руралните средини и намалување на разликите помеѓу поразвиените и помалку развиените средини преку овозможување социјални услуги од регионално значење“, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Министерот објасни дека дел од објектот ќе служи за обезбедување услуги за жителите од матичното одделение во Битола, овој простор се користел за оваа иста намена до пред 4 години како подрачно одделение на службите од Битола, меѓутоа поради немање елементарни услови, овие услуги во последните години жителите на овие населени места не може да ги остварат во село Ивањевци и мора да патуваат до Битола, што дополнително им го отежнува добивањето на овие услуги и им одзема повеќе време.
„Во рамките на овој објект планиран е и простор за центар за ран детски развој, кој ќе згрижува деца од соседните општини имајќи ја предвид местоположбата на селото. Преостанатиот дел од просторот се планира да се искористи како канцеларија за ‘Агро aкцелератор’, кој земајќи предвид дека поголем дел од населението што гравитира на оваа територија се занимава со земјоделство, ќе ги опслужува заинтересираните земјоделци и земјоделски стопанства не само од општина Могила туку и од соседните општини“, изјави градоначалничката на Могила, Јасмина Гулевска.
Овој проект овозможува доближување на услугите од Управата за водење на матичните книги во Битола, со подрачно одделение во Ивањевци, непосредно до жителите на општините Могила, Новаци и Демир Хисар и намалување на диспаритетот помеѓу урбаните и руралните средини во остварување на правата на граѓаните.
„Ги следиме барањата и потребите на општините и во координација со градоначалниците и Министерство за локална самоуправа работиме на подобрување на животниот стандард во Пелагонискиот Регион. Ова е само еден од проектите што Центарот за регионален развој на Пелагонискиот Плански Регион ги имплементира во Програмата за регионален развој за 2019, вкупно беа 8 регионални проекти во износ од 40 милиони денари. За 2020 година одобрени се 4 регионални проекти, во кои се вклучени сите 9 општини од овој регион, износот на сите проекти изнесува околу 38 милиони денари“, додаде директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион, Гого Видимче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

