Македонија
Заев: Бројките на новозаболените се последица од популизмот на Чулев и Мицкоски

Бројките на новозаболени лица, кои ги бележиме деновиве, се директна последица од неработењето, популизмот и партиското профитерство на техничкиот министер Наќе Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски, пишува првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, на социјалните мрежи.
„Со крајно неодговорната, евтина и популистичка изјава дека граѓаните не треба да се казнуваат кога не ги почитуваат мерките и задолженијата, Чулев директно поттикна непочитување и прекршување на рестриктивните мерки и задолженијата. Јавноста во многубројни наврати беше сведок на масовни прекршувања на забраната за движење, забраната за групирање, непочитување на задолжителното носење заштита опрема, а полицијата предводена од Чулев не преземаше ништо. Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести. Наместо да ја поддржат работата на Комисијата, тие бараат нејзино разрешување и со тоа истураат партиски бои врз епидемиологијата и сакаат да ги остават граѓаните на цедило“, пишува Заев.
Претседателот на СДСМ порача дека Чулев мора веднаш да поднесе оставка затоа што свесно го загрозил јавното здравје и свесно поттикнува незаконско постапување.
„Македонската полиција и македонските граѓани треба што побргу да се ослободат од неодговорното однесување на Наќе Чулев“, смета Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.