Македонија
Петровска: Началниците на Чулев велеа дека полицајците немале метро за да измерат растојание

Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, контра ставот на техничкиот министер Наќе Чулев, објави дека бројот на заболени од коронавирус е резултат на обидите да се биде допадлив во ситуации кога ни треба решителност.
Петровска вели дека нејзините предлози за порешителни акции биле игнорирани, а началниците назначени од Чулев велеле дека полицајците немаат метро за да измерат растојание меѓу граѓаните.
„Изминатите денови не убедуваше дека полицијата не треба да казнува туку да биде внимателна. Моите предлози за порешителни акции беа игнорирани. Началниците назначени од тебе саркастично кажуваа дека полицајците немале метро за да измерат два метра растојание! И Министерот за внатрешни работи ова го оправдуваше. Директорот на БЈБ испраќа телеграми кои твоите началници ги кријат во фиока. Бројот на заболени е резултат на колебливоста и обидите да се биде допадлив во ситуации кога ни треба решителност“, пишува Петровска.
Според неа, инспекторите и МВР треба да казнуваат за да покажат дека има правда.
„Лицемерно и неодговорно е да се криеш од јавни соочувања и да одбиваш покани за ТВ дуели, а да се обидуваш да се оправдаш преку ФБ статуси. Македонската јавност и македонската полиција заслужуваат повеќе од ФБ пост или нарачани интервјуа. Граѓаните нема да не оценуваат по убавите зборови, туку по нашите постапки. МВР и инспекторатите треба да казнуваат за да покажат дека има правда, дека оние што ги почитуваат правилата имаат причина да веруваат во законите. Поткопување на правната држава во време на пандемија е низок популизам на штета на сите нас. И да, не се обидувај со прашината за каблите на АНБ да го сокриеш лошото менаџирање, резултатот се гледа“, додава Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара построга казна за возачот кој ја усмрти Теодора: вложена жалба на пресудата

Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 07.04.2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден – за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена казна затвор во траење од две години, соопшти обвинителството.
Жалбата, како што е појаснето, е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.
Меѓу околностите поради кои обвинителството бара построга казна се особено тешките подледици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина.
„ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен.
Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата.
Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока.
Дополнително, и семејството на жртвата кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до обвинителството за да побара да ја обжали пресудата“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Паркирањето во општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата

Паркирањето во општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. На 18.04. (петок), 20.04. (недела) и 21.04.2025 година (понеделник) граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар. Од ова исклучок се затворените паркиралишта Дилајла и Трготекстил.
Согласно програмата за неработни денови за 2025 година, 19.04.2025 година (сабота) е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе работат со вообичаено работно време.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 22.04.2025 година (вторник) со вообичаено работно време.
Македонија
Кампања на Царинската управа, „Стоп за корупција“, за зголемување на свеста од опасностите што ги носи корупцијата

„Не замижувај и ти можеш да ја спречиш корупцијата – биди дел од прогресот на твојата држава. Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал“, е главната порака која сакаме да допре до секој граѓанин преку кампањата „Стоп за корупција“, извести Царинската управа.
Во рамки на кампањата „Стоп за корупција“, до 25-ти април на граничните премини и царинските испостави ќе се делат брошури преку коишто јавноста ќе може да се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува истата.
„Ги повикуваме сите граѓани кои ќе бидат сведоци на корупција истото да го пријават на отворената телефонска линија 197 на Царинската управа.
Корупцијата ја поткопува националната безбедност и доведува до даночни загуби, при што како Царинска управа преземаме сеопфатен пристап се со цел целосно сузбивање на корупцијата. Детектирани се ризични точки по кои делуваме преку зголемени контроли, но и спроведување на брзи и ефикасни истраги.
Во текот на изминатите денови кампањата беше спроведена на граничните премини и царинските испостави Аеродром Св. Апостол Павле Охрид, Меџитлија, Прилеп, Богородица, Гевгелија, Дојран, Блато, Струга, Ќафасан.
Годинава Државната комисија за спречување на корупцијата во извештајот за 2024 година не оцени на високо петто место од вкупно 72 институции во спроведување на политики за интегритет, при што особено се забележани подобрувања во делот на идентификуваните точки на ризици од корупција, како и преземени конкретни чекори за спречување судир на интереси меѓу кои и изречени дисциплински, но и откази за царински службеници кои постапувале спротивно на законите“, соопшти Царинската управа.