Македонија
Светски ден на мултипла склероза
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза ќе се вклучи и оваа година во одбележување на Светскиот ден на МС (World MS Day) на 30. мај 2020 година. Националното здружение се обединува заедно со глобалната заедница за мултипла склероза (МС) ширум светот со единствена цел за подигнување на јавната свест за мултиплата склероза и водење организирана кампања во која се вклучени сите погодени од оваа болест.
Мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден е „I connect, we connect“, односно „Заедно поврзани“, додека темата e „MS Connections“ (поврзаноста), односно градење врски во заедницата, самоповрзување, заемно поврзување со цел добивање на квалитетна нега.
„Националното здружение за МС, како и останатите здруженија ширум светот, поради пандемијата на COVID-19 ќе го одбележи овој Светски ден преку социјалните мрежи со низа активности со кои ќе испратиме пораки за поддршка на пациентите. Во кампањата за Светскиот ден на МС ќе бидат вклучени пациентите, нивните негуватели, докторите, медицинските сестри од Универзитетската клиника за неврологија и останатите здравствени работници, како и сите други лица кои ни ја даваат нивната поддршка на најразлични начини“, изјави Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за МС.
Активностите за Светскиот ден на MС се одвиваат во тек на мај и јуни. По тој повод ширум светот се спроведуваат голем број на активности за да се покрене јавната свест за ова заболување за да се обезбеди подобра терапија, навремена и точна дијагноза, а со цел пациентите со МС да имаат подобар квалитет на живот.
„Ве повикуваме заедно да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени кај лицата со мултипла склероза“, велат од здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

