Македонија
Исплата на паричната помош од социјална и детска заштита од вторник, во три групи
Паричните права од социјална и детска заштита за месец мај ќе бидат предвреме исплатени. Министерството за труд и социјална политика ги известува корисниците на права на парична помош од социјална и детска заштита дека почнувајќи од вторник (02 јуни) ќе се врши етапна исплата на гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување и на траен надоместок.
Исплатата ќе се спроведе во 3 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
– 2 јуни (вторник) – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ;
– 3 јуни (среда) – И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О;
– 4 јуни (четврток) –П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Етапната исплата на паричните права од социјална и детска заштита се прави со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на овие права во услови на опасност од вирусот КОВИД-19.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека корисниците кои имаат платежни картички поврзани со трансакциската сметка на која се исплаќаат правата од социјална и детска заштита, ќе можат паричните средства да ги подигнат на банкоматите на банките, да ги користат за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, од 2 јуни, вторник.
Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот. Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат каква било форма на заштита којашто ги покрива носот и устата и да одржуваат физичко растојание од два метра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

